Македонија
Одложено рочиштето за смртта на Никола Саздовски

Се одложи рочиштето за смртта на Никола Саздовски – Саздо, поради оправдано отсуство на еден поротник. Имал смртен случај.
На минатото рочиште се презентираа наодите од судска медицина. Адвокатот Ванчо Шехтански, кој го застапува семејството на Саздовски, апелираше да не се дефокусира јавноста со изјави што не се релевантен одраз на она што е кажано во судницата, дека смртта настанала од падот на Саздовски врз метална кутија, која наводно се наоѓала на автобуската станица каде што бил претепан, а не од ударите на напаѓачите.
Обвинети од страна на Јавното обвинителство за смртта на Никола Саздовски се Бесир Беља, Скендер Демири и Јетон Љужа, кој моментно е во бегство. Според обвинението, тројцата, кои се гонат за убиство на свиреп начин, со боксови го удирале Саздовски, а кога тој паднал на земја, тие продолжиле да го тепаат со клоци по целото тело.
Нападот на 20-годишниот Никола се случи на автобуска постојка во Автокоманда во јуни оваа година, а една недела по нападот, поради сериозните повреди, тој почина во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Рашче има приведени поради пукање на свадба

Две лица беа приведени вчера во скопското село Рашче поради пукање на семејна веселба.
„Околу 22 часот во СВР Скопје е пријавено дека се слушаат истрели во селото, по што веднаш се преземени соодветни мерки и активности и утврдено е дека Е.К. и Б.К. со гасни пиштоли пукале на свадба“, соопшти МВР.
Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и натаму бара оставка од обвинителот Коцевски

ВМРО-ДПМНЕ и денеска упати јавен повик до обвинителот, Љупчо Коцевски, да си поднесе оставка поради, како што велат, компромитирање на независноста на Обвинителството. Партијата го обвинува Коцевски дека ја претворил обвинителската функција во партиски сервис на СДСМ и ДУИ, со што, според нив, ја довел правдата во заложништво на политичките интереси.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека со негласањето на интерпелацијата во Собранието, СДСМ ја покажало својата поддршка за Коцевски како чувар на нивните функционери од кривична одговорност.
Партијата посочува дека довербата во обвинителот е падната под 2 проценти и дека тој, и покрај изгласаниот притисок и интерпелацијата, одбива да поднесе оставка.
Македонија
Царините на Трамп стапија во сила, стапката за Македонија е 15 отсто, како и за земјите од ЕУ

Царините на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од десетици земји, кои се движат од 10 до 50 проценти, стапија ВО сила и ја ставија на тест стратегијата на републиканците за намалување на трговскиот дефицит.
Царинската и граничната заштита на САД (CBP) започна со собирање повеќе царини во 00:01 часот по источно време, по недели неизвесност околу конечниот процент на мерките на Трамп и забрзаните преговори со земјите од целиот свет кои сакаа да ги намалат.
Основен процент од 10 проценти претходно беше воведен за увоз од многу земји откако Трамп ги паузираше повисоките царини објавени на почетокот на април. Но, американскиот претседател оттогаш често ги менуваше своите планови, па затоа воведе повисоки стапки за некои земји.
Ова вклучува 50 проценти увоз од Бразил, 39 проценти од Швајцарија, 35 проценти од Канада, Србија, и 25 проценти од Индија. Во среда, тој објави дополнителна царина од 25 проценти за увозот на руски енергетски производи од Индија, која ќе стапи во сила за 20 дена.
Во пресрет на стартот на царините, Трамп зборуваше за милијарди долари што ќе се влеат во САД, главно од земји за кои тврди дека ги искористиле САД.
Осум големи трговски партнери кои сочинуваат 40 проценти од трговијата со САД постигнаа рамковни договори со Вашингтон, вклучувајќи ја Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја. Тие обезбедија основна каматна стапка од 15 проценти. Велика Британија се согласи на 10 проценти, а Виетнам, Индонезија и Филипините помеѓу 19 и 20 проценти. Стапката за Македонија, како што претходно беше објавено, изнесува 15 проценти.