Македонија
(Видео) Ѓорчев: Невиден егзодус, цели семејства си заминуваат од Македонија
Изминатите денови, недели и месеци сведоци сме на невиден егзодус, на невидено до сега иселување од Република Македонија.Се иселуваат ученици, си заминуваа млади, си заминуваат цели семејства, се иселуваат цели општини и села. Неспособноста на Владата на Зоран Заев, на неговите министри резултира со тоа што граѓаните ја губат надежта во Република Македонија.
Наместо живот во Македонија, донесоа трајно иселување невидено како никогаш досега, донесоа егзодус, донесоа едноставно безпарица, заминување и дигање раце од животот во оваа држава,изјави Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
,,Ќе ви прочитам неколку бројки кои што се и тоа како загрижувачки кои што ги кажуваат трендовите. Конкретно, амбасадата на Сојузна Република Германија посочи и кажа дека издала по 75 визи дневно, внимавајте тоа се околу 1500 иселени граѓани од Република Македонија само во текот на еден месец. Годишно зборуваме за една година за околу 20 илјади луѓе, можеби и повеќе. Никој не ја знае точната бројка.
Амбасадата на Швајцарија оперира со бројка од 500 до 700 визи месечно. Значи ако ја ставиме на една страна амбасадата на Германија со околу 1500 визи месечно, амбасадата на Швајцарија со околу 700 визи, ако на тоа ги додадеме другите земји како што се Белгија, Австрија, Словенија, Норвешка,Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија и цела низа на други европски земји, доаѓаме до поразителниот заклучок. Наместо живот Владата на Зоран Заев донесе иселување, донесе невиден егзодус од Македонија, каде што особено заминуваат младите, каде што заминуваат цели семејства. Тоа е тажна и болна слика на економските политики на Зоран Заев и на неспособноста на неговите министри”, рече тој.
Според Ѓорчев, конкретно во Штип само од почетокот на оваа година, значи зборуваме од Нова Година до сега, од Штип се отпишани 77 ученици. Источна Македонија, масовно се иселува. Ако видиме во делот на Кочани имаме иселување на 20- тина ученици. Само во овие два три града зборуваме за 130, 140 иселени ако ги додадеме и околни помали општини. Навистина загрижувачки бројки.
,,Ако само во Штип видиме дека за 10 месеци се иселиле 77 ученици, тоа значи дека ако ги додадеме нивните родители на овие ученици, нивните семејства, децата кои што не одат на училиште само од Штип се иселени околу 400 граѓани. Тоа е 1 процент од популацијата на овој голем, најголем град во Источна Македонија, односно тоа е некаде 4 до 5 проценти на младата популација. 4 до 5 проценти на младата популација иселени само во една година. Ова е алармантно.
Би сакал да ги искористам бројките од Заводот за статистика кој што го бележи одјавувањето од Македонија, формалното одјавување и заминување со пополнување на документи. Конкретно Заводот за статистика на Република Македонија за 2017 година вели дека најмногу се иселуваат граѓаните на општина Гостивар и граѓаните на општина Делчево. Значи се иселува и Западна Македонија, се иселува и Источна Македонија. Нема место од Македонија од кое што луѓето не заминуваат. Значи час поскоро итно, утре или поточно речено вчера Владата на Зоран Заев треба да преземе мерки околу ова.
Имаме ситуација во која што иселувањето од Тетово и Тетовско, од Боговиње, понатаму од Желино, од Теарце се засилува. Луѓето си заминуваат, луѓето не им веруваат на лажните ветувања на Зоран Заев дека ќе донесе живот, ќе донесе правда и безбедност кога се случува токму спротивното. Места каде што паралелките имале по 30 деца сега одвај имаат 20 или 15 деца, се затвораат училишта, се затвораат паралелки. Истото се случува од егзодусот од Гостивар, од општина Врапчиште, од Форино, од другите населени места од Чегрене, заминуваат луѓето од Маврово Ростуше, заминуваат луѓето од Кичево и кичевско, заминуваат луѓето од Дебарско, од Струшко исто така се прави. Липковско има невиден, невиден егзодус, нема никакви проекти од Владата на Зоран Заев. Арачиново исто така, а истовремено се иселува и Источна Македонија, јужниот дел Пелагонија, се иселуваат луѓе од Скопје.
Значи оваа Македонија на Зоран Заев се иселуваат и Македонците и Албанците и Турците и сите останати без оглед на националната или верската припадност. Станува збор навистина за поразителни бројки, станува збор за поразителни статистики кои што долгорочно ја засегаат иднината на Република Македонија.Уште еднаш со жалење можам да констатирам, а тоа и секој го гледа. Секој може да види дека Зоран Заев и неговите министри ги разочараа граѓаните на Република Македонија, дека се случува невидено до сега заминување, иселување од Република Македонија, се случува егзодус.Навистина тажна и поразителна слика”, рече Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со донаторска вечер, почна со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
Донаторска вечер насловена „Threads of Light“ официјално го одбележа почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта беше посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.
Настанот обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.
Донаторската вечер „Threads of Light“ ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
На настанот беше претставена химната „Фросина“, отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вели дека Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти.
„Вечерва присуствував на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – иницијатива што произлезе од огромна болка, но и од уште поголема сила да се спречат идни трагедии. Фросина беше млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно беше прекинат во сообраќајна несреќа. Ова не е само лична трагедија за едно семејство, туку потсетник за сите нас колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да ја сфатиме одговорноста зад воланот. Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија: „Значаен успех“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година.
Како што истакна министерот Муцунски, оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Министерот нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.
Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.
Македонија
(Видео) Исмаил до Љутков: Следува милионска штета по буџетот по ваша вина, кога планирате да си поднесете оставка?
Пратеникот Реџеп Исмаил, од Левица, на седницата за пратенички прашања се обрати до министерот за култура Зоран Љутков, оценувајќи дека предупредувањата упатени уште во првите сто дена од неговиот мандат, дека ќе стане најлошиот министер за култура во историјата на државата, денес, на половина од мандатот целосно се оствариле.
Според Исмаил ваквата оценка не е политичка квалификација, туку емпириски факт, поткрепен со состојбата во културата, кршењето на законите и последиците што веќе се мерат во судски спорови и финансиска штета.
Главен проблем според Исмаил е свесното и системско кршење на Колективниот договор за култура.
„Колективниот договор е донесен многу пред вашиот мандат, повеќепати беше оспоруван и секогаш потврден како уставен и легитимен. То сѐ уште важи и вие сте должни да го почитувате“, истакна пратеникот и додаде дека со доаѓањето на Љутков на функција започнало намерно саботирање на колективниот договор преку упатство од министерот со кое биле воведени незаконски пресметки на плати.
„Со тоа упатство директно го прекршивте Колективниот договор. Ова не е политика, ова е правен факт“, рече Исмаил.
Пратеникот посочи дека како резултат на ваквото постапување, во моментов има околу 800 тужби за пресметка на плати низ сите судови во Македонија, а дел од нив веќе се добиени во корист на работниците. „Речиси е извесно дека и останатите тужби ќе имаат ист исход. Прашање е дали сте свесен за штетата што ја нанесовте врз државниот буџет, штета која ќе биде поголема од онаа доколку Колективниот договор се почитуваше“.
Опишувајќи ги состојбите во културата Исмаил се осврна и на случајот со Филхармонија кога на средина од конкурсот името на директорот беше јавно соопштено од коалицискиот партнер во Владата, а конкурсот се претворил во фарса. Дополнително потсети дека во март минатата година над 3.000 работници во културата останаа без плата, што, како што нагласи е директна последица на неспособното и неодговорно раководење со Министерството за култура. Укажа и на фактот дека во два последователни буџетски циклуси се намалуваат средствата за култура, додека истовремено значително расте буџетот за НАТО.
На крај, Исмаил своето обраќање го заврши со прашањето: „После сето ова останува само едно прашање – кога планирате да си поднесете оставка?“.

