Македонија
Министерот за финансии Ставрески поради здравствени причини поднесе оставка
Поради здравствени причини Зоран Ставрески поднесе оставка од позицијата вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија.
„Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, истакнува Зоран Ставрески во оставката.
Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии. Тој со својата работаи постигнати резултати останува запаметен како еден од најуспешните македонски министри, кој со своите економски политики направи значителни достигнувања и суштински реформи кои државава ја ставија на мапата на меѓународните економски текови и процеси.
„Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар ентузијазам одготворност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза“, пишува Ставрески.
Тој во оставката се заблагодарува за плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше девет години./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
АСО: Владата преку измени на тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, како што се додава, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.