Економија
Сметководителите бараат да имаат и права не само обврски
Потребен партнерски однос со сите релевантни институции во насока на унапредување на сметководствената дејност, порача претседавачот на Собранието на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС), Маја Петревска, на денешната конференција на тема „Функција и примена на Законот за вршење сметководствени работи“ во организација на Комора на сметководители на Македонија.
„ИСОС ги обединува сметководителите на Република Македонија, кои се јадрото на економијата и во прибирање даноци и како консултанти на бизнисот. Речиси една година работата на Институтот е нарушена, a Министерството за финансии е единствената институција што може да ја активира работата на Институтот во полна функција за исполнување на стратешките цели меѓу кои најзначјаните се усогласнување со меѓународните стандарди и членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), што значи зголемување на кредибилитетот на сметководителите, како и можност за извоз на интелектуалниот труд. Законот за вршење сметководствени работи создава уникатна можност за унапредување на професијата сметководител како професија на иднината“, изјави Петровска и додаде дека само со обединување на релевантните чинители може да се оствари оваа цел.
Ѓорги Грковски, Комората на сметководители на Република Македонија истакна дека комората континуирано работи кон подобрување на квалитетот при вршењето на сметководствените работи со цел регулирање на професијата и заштита не само на компаниите кои се занимаваат со оваа дејност, туку и на сите останати компании корисници на услугите.
„Неопходно е обезбедување на соодветен квалитет при изготвувањето на финансиските извештаи и овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите како професија ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации. Познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаи и тоа како за корисниците на нашите услуги така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Станува збор за склоп и успешно функционирање на сите фактори во насока на подигнување на стандардите за работа, како и расчистување со нелојалната конкуренција која го спушти нивото на сметководствената фела“, истакна во дискусијата Грковски.
На конференцијата беше заклучено дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво, сите закони да се донесуваат по претходни консултации во соработка со релевантните чинители во областа и заеднички да се дејствува за зголемување на интересот за сметководствената професија која сè повеќе старее, а е од исклучителна важност за бизнисите и државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.