Македонија
Патник од автобусот на смртта: Се враќаме дома со траума што никогаш нема да ја заборавиме
„Им благодариме на сите што ни помогнаа кога најмногу ни требаше. Се враќаме дома со траума што нема да ја заборавиме целиот живот, но исто така ќе се сетиме и на многу добри луѓе од Србија кои покажаа голема хуманост и самопожртвуваност“, вели во изјава за српски „Новости“ еден од повредените патници од автобусот, кој во неделата наутро излета од автопатот кај Лесковац.

Според српските медиуми, македонските граѓани успешно закрепнуваат во болниците во Ниш и Лесковац и не се загрозени. Во сообраќајна несреќа на автобус со македонски регистарски таблички, кој се движел од Битола кон Виена, загинаа тројца, а повредени се 32 патници.
Сите пациенти, кои се наоѓаат во одделенијата на Клиничкиот центар во Ниш и Општата болница во Лесковац, успешно закрепнуваат. Од Лесковац четири лица во неделата ги напуштија своите домови со приватни возила. Во вечерните часови истиот ден транспорт беше организиран за уште 14 патници привремено сместени од страна на локалната самоуправа во еден од хотелите во Лесковац. Останаа осум пациенти за лекување.
Во меѓувреме во Ниш се испратени двајца мажи на лекување. „За едниот постои сомневање дека му е повредена слезината, а другиот има повреда на вратниот ‘рбет“, вели д-р Небојша Димитријевиќ, директор на Општата болница во Лесковац.
„Сите наши пациенти успешно закрепнуваат и не се во опасност. До крајот на оваа недела тие, најверојатно, ќе бидат испратени на болничко лекување во Скопје. Транспортот ќе го организира македонското Министерство за здравство“, додава тој.
Во неделата вечерта министерот Венко Филипче ги посети повредените лица во Ниш и Лесковац. Тој им се заблагодари на сите служби кои учествуваа во обезбедувањето помош на македонските граѓани. Во Ниш се третираат шест пациенти со сериозни повреди и во два случаја може да има потреба за хируршка интервенција.

Пациентите се сместени во одделот за анестезија и интензивно лекување при Клиничкиот центар во Ниш и таму ќе останат сè до подобрување на нивната здравствена состојба. Еден од повредените, Ремзи Демир од Штип, вели дека се чувствува малку подобро, но дека не може да поверува што се случи со него.
„Имам повреди на градите и клучните коски. Заспав после границата, кога го слушнав пискотот. Погледнав и го видов автобусот како оди лево-десно. Го зграпчив седиштето и автобусот потоа се преврте. Мојата рака остана под моето седиште. Некако едвај успеав да излезам“, изјави Демиров.

Како се случи оваа тешка сообраќајна несреќа сè уште е претпоставка. Се претпоставува дека возачот на автобусот не ја приспособил брзината на условите на патот и затоа ја изгубил контролата над возилото. За време на несреќата, околу два часа по полноќ, во Лесковац паѓал снег, на кој му претходел дожд и имало поледица. Според неофицијални информации, по предлог на судија на претходна постапка изречена е мерка за задржување на возачот на автобусот
„Еден од возачите има скршеница на левата нога, но закрепнува во нашата болница и не е во животна опасност“, вели д-р Небојша Димитриевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.
Македонија
Од денес Безбеден град казнува, со три забрани за возење ја губите возачката дозвола
На територија на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10 од денеска стартува имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци – „Безбеден град“. Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера подвлече дека системот Безбеден град не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус. Тој воедно информира дека е донесен нов Правилник со кој е зголемен прагот на толеранцијата кон возачите во однос брзината на управување на моторно возило.
-Во изминатиот период имаше огромен број на забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција која што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6 км/ч кога управувате мотторно возило до 100, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот кој е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч а се управува возило со над 101км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч. Овие толеранции се дефинирани во рамки на правилник под Министерството за енергетика и сметаме дека се апсолутно прифатливи се со цел овој систем да го заживееме се со цел да спасиме ден човечки живот повеќе, а притоа да ги увериме граѓаните дека целта не ни е казнување, туку целта ни е помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди, помалку загуби на човечки животи – потенцира Тошковски.
Министерот во овој контекст најави и уште еден проект кој ќе се имлементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком.
-За сите овие прекршоци кои се сторуваат во рамки на толеранцијата, значи ако е забрането над 30км/ч од 30-36км/ч, ако е забрането над 50км/ч од 50-59км/ч ќе доставуваме информативна порака од страна на Министерството за внатрешни работи до секој еден граѓанин кој што ја пречекорил брзината со која што ќе им го привлечеме вниманието на граѓаните дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција која што е дозволена нема да има парична казна, односно нема да има прекршок, тие надминуваат над законски уврдената брзина со што доколку не дај боже било кој граѓанин управува моторно возило и стори сообраќаен прекршок со 55км/ч таму каде што е дозволено да се управува моторно возило максимум со 50км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично – заклучи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека „Безбеден град“ претставува една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон оние кои свесно ги кршат правилата, а не кон совесните возачи. Според нив, камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој прекршок се третира исто, без разлика кој е зад воланот.
Согласно законското решение за санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.

