Црна хроника
Поднесено обвинение за поседување автоматско огнено оружје
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе oбвинителен акт против едно лице што се товари за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од ОЈО, при извршен претрес кај обвинетиот, во просторија просторно поврзана со неговиот дом во Скопје, било утврдено дека тој кај себе држел огнено оружје кое им е забрането на граѓаните, односно автоматско огнено оружје или пушкомитралез Degtyarev Type 56 RPD калибар 7,62X39 мм.
Од ОЈО велат дека пушкомитралезот бил пронајден и одземен од страна на овластени службени лица.
Во рамките на истражната постапка, по наредба на јавен обвинител, беше извршена анализа и вештачење на оружјето и беше испитан осомничениот.
Ценејќи дека сè уште постојат законските основи поради кои на осомниченото лице му беше определена мерка притвор, односно постои опасност од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, јавниот обвинител заедно со обвинителниот акт до судот достави и предлог за продолжување на мерката притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Повеќе сообраќајни незгоди во државата – пијан велосипедист и тинејџер со мотор меѓу повредените
Во текот на 5 ноември биле регистрирани повеќе сообраќајни несреќи низ земјата, во кои четворица учесници се здобиле со тешки телесни повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Скопје, на обиколницата кај клучката Хиподром, автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 78-годишниот Б.В., излетал од коловозот. Возачот е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани тешки повреди.
Во село Радање, општина Карбинци, 22-годишен велосипедист изгубил контрола и паднал на коловозот, при што се здобил со тешки повреди и бил пренесен во штипската Клиничка болница. Истиот ден, во село Бучим кај Радовиш, 13-годишен малолетник управувајќи мотоцикл „Хамачи“ паднал и исто така се здобил со тешки телесни повреди.
Тешка несреќа се случила и во Гевгелија, на улицата „Моински пат“, каде што автомобил „Ленд Ровер“ удрил во велосипедист. Повреден е 51-годишен жител на Гевгелија, кај кого, по извршени проверки, било утврдено присуство на 1,94 промили алкохол во крвта.
Во сите случаи полициски екипи извршиле увид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите на сообраќајките.
Црна хроника
Насилство во две основни училишта во Скопје
Во текот на изминатите денови во Скопје биле пријавени два одделни инцидента во училишта, информира Министерството за внатрешни работи.
На 3 ноември, околу 8:40 часот, во основно училиште во општина Карпош, малолетно дете било физички нападнато од друг ученик. Настанот бил пријавен два дена подоцна, на 5 ноември, од страна на мајката на ученикот.
Исто така, на 4 ноември, околу 12:20 часот, во училишен двор во населбата Драчево бил нарушен јавниот ред и мир поради физичка пресметка меѓу три ученици – двајца од едната и еден од другата страна.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Црна хроника
Две фабрики вчера гореле во Скопје
Два одделни пожара избувнале вчера во фабрики на подрачјето на Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Првиот пожар бил пријавен утрото, околу 9:10 часот, во фабрика во општина Гази Баба, а вториот попладнето, околу 14:30 часот, во фабрика во Кисела Вода. Во двата случаи интервенирале екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои навремено ги изгаснале пожарите.
Повредени лица нема, а полициски екипи извршиле увид на местото на настаните за утврдување на причините за избувнувањето на огнот.

