Македонија
Заев – Чомба: Поддршка од Романија за интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со Џорџе Чомба, министер делегиран за европски прашања на Република Романија, кој е во работна посета на земјава.
Романскиот министер Чомба ја пренесе определеноста на неговата земја, којашто од јуни 2019 година го презема претседателството со Советот на ЕУ, за продолжување на проширувањето на ЕУ, како еден од приоритетите за време на претседавањето.
Поздравен е текот на реализацијата на договорот од Преспа и е констатирано како важно негово целосно заокружување во последната фаза на гласањето во парламентот. На средбата е посочено дека за една држава е важно што ќе направи, но и што ќе ѝ даде на Европската Унија, а дека Македонија, со начинот на решавањето на билатералниот спор со јужниот сосед, даде вредност на Европа.
Чобма најави дека Романија ќе продолжи да ги поддржува позитивните промени во Македонија, како и дека нашата земја може да смета на Република Романија во позитивните евро-атлантски интеграциски процеси. При тоа, тој ги охрабри и реформските чекори во земјава и изрази надеж за позититивен исход од состанокот на Советот на ЕУ во јуни 2019 година.
Премиерот Заев се заблагодари за искреното пријателство од Романија, премиерот и Владата, кон Македонија и повика Република Романија да го задржи фокусот кон интегрирањето на Македонија и на Западниот Балкан кон ЕУ, бидејќи тоа ќе значи стабилност и безбедност за граѓаните, но и позитивна промена во квалитетот на живот.
„Се гордееме со договорот од Преспа, што денес го поддржуваат и големо мнозинство од граѓаните на Македонија бидејќи е модел на решение на билатерално прашање, употреблив и за регионот, ЕУ и светот. Очекуваме околу средината на јануари да биде изгласан во парламентот со поголем број пратеници и од потребното двотретинско мнозинство. Инклузивно ги носиме и реформските закони, така што очекуваме со двотретинско мнозинство да помине во Собранието и пакетот закони за судството, што треба да овозможат целосно владеење на правото и транспарентно судство. За нас е важно интегрирањето во НАТО бидејќи тоа носи стабилност и економски развој на државата и се надеваме дека ќе бидеме следната 30. земја членка на Алијансата. Исто така очекуваме и почеток на преговорите со ЕУ, бидејќи на Европа и носиме вредности, а не проблеми“, рече премиерот Заев.
На средбата е нагласена важноста на помирувањето меѓу младите генерации на Балканот. Се разговараше и за важноста на продолжувањето на соработката на Македонија со ЕУ, во делот на мигрантската криза, како и за значењето на развојот на Западен Балкан во стабилен, безбеден и просперитетен регион, интегриран во ЕУ и НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

