Македонија
Пратениците едногласно го донесоа Законот за амнестија
Со 95 гласа „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, пратениците го донесоа Законот за амнестија. Пратениците од Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Сурија Рушиди, не беа присутни во собраниската сала, додека Милевски од ЛДП ја напушти салата во моментот кога беше најавено гласањето.
Пред гласањето, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од собраниската говорница рече дека тој и пратеникот Панчо Минов ќе го поддржат законот и дека требало да се погледнат во очи и да продолжат напред.
„Се приклучуваме кон процесот, како предлагачи“, рече Димовски.
Пратеникот од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Зекир Рамчиловиќ, рече дека овие 2 години биле најтешките години во македонската парламентарна демократија и порача да не се дозволи и наредните две да бидат такви.
„Да си подадеме рака, да се помириме, да простиме. Сметам дека помирувањето е исчекор. Да се надминеме самите себеси. Затоа и ние осум пратеници од нашата пратеничка група го започнавме овој процес, кој резултираше со Законот за амнестија. Токму со него треба да се стави крај на поделбите. Наша одговорност е да испратиме порака и до граѓаните дека имаме повисока цел, да живееме заедно без поделби, без навреди, без враќање кон минатото. Гласањето за овој закон е чин на помирување и на градење доверба. Има уште една повисока цел, а тоа е државата да оди напред, кон ЕУ и НАТО“, рече Рамчиловиќ.
Осумте пратеници на оваа пратеничка група, која беше дел од ВМРО-ДПМНЕ, дадоа поддршка на уставните измени со што на некој начин го условија парламентарното мнозинство кон донесување ваков закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

