Економија
Од почетокот на 2019 државните обврзници ќе се тргуваат на Македонска берза
Државните хартии од вредност од почетокот на 2019 година ќе котираат на Македонската берза. Денеска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, и директорот на Македонската берза, Иван Штериев, потпишаа договор за котација на државните обврзници. Со ова државните хартии од вредност ќе станат достапни за поголем број инвеститори, како домашни така и странски.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека со ова се следи европската пракса, но и примерите на сите развиени земји со функционален пазар на капитал.
„Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Покрај доброразвиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Од почетокот на 2019 година државните хартии од вредност ќе станат достапни за повеќе инвеститори – како во земјата така и во странство. Ќе напоменам дека преку заедничката платформа на берзите од регионот СЕЕ линк, македонските државни обврзници ќе станат достапни за инвеститорите од регионот, но и Европа. Инаку, државните хартии од вредност на другите земји од регионот веќе се достапни на СЕЕ линк. Ова ќе придонесе за поголема видливост на цените, т.е. поголема транспарентност. Секако, поголемата конкуренција кај побарувачката ќе обезбеди подобра цена, односно камата“, рече Тевдовски.
Директорот на Македонската берза, Иван Штериев, истакна дека со котацијата на државните хартии од вредност ќе се зголеми расположивата понуда на берзата.
„Ова е многу значаен ден за Македонската берза и за нејзините членки. Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници, што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина“, рече Штериев.
Министерот за финансии истакна дека во 2018 година имало повеќе позитивни настани поврзани со државните хартии од вредност. Тој истакна дека Македонија ја издала најуспешната досега еврообврзница, односно со најниска каматна стапка. И каматните стапки за државните хартии од вредност издадени на државниот пазар неколкукратно се намалени во споредба со претходната година.
Исто така, во 2018 година првпат беше издадена 30-годишна државна обврзница, што укажува на доверба на инвеститорите во економските политики што се спроведуваат, рече Тевдовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

