Свет
Белата куќа прогласи победа над Исламска држава во Сирија

САД почнаа да ги враќаат војници од Сирија додека се движат кон нова фаза од кампањата против Исламската држава, соопшти Белата куќа, тврдејќи дека „територијалниот калифат” на таа екстремистичка група е поразен.
„Овие победи над Исламската држава во Сирија не го означуваат крајот на глобалната коалиција или нејзината кампања. Почнавме да ги враќаме американските војници дома додека се префрламе на следната фаза од кампањата”, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, пренесува „Ројтерс“.
И американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека Исламската држава е поразена.
„Ние ја поразивме Исламска држава во Сирија“, напиша американскиот претседател на социјалната мрежа „Твитер“.
Претходно и американските медиуми објавија дека САД планираат да ги повлечат своите војници од Сирија.
Имено, според Си-ен-ен, кој се повикува на неименуван американски воен претставник, во тек е планирањето за „целосно” и „брзо” повлекување на американските трупи од Сирија. Тој додаде дека одлуката е донесена од американскиот претседател, Доналд Трамп, кој пред долго време изразил желба да ги повлече војниците од Сирија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ: Путин е подготвен да разговара со Зеленски

Претседателот на Русија, Владимир Путин, е отворен за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само откако на стручна основа ќе се одржат подготовителни разговори, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
Песков истакна дека подготовките за таков состанок сè уште не започнале. Додаде дека не е исклучена можноста Путин оваа недела да се сретне со посебниот претставник на претседателот на САД, Стив Виткоф.
„Разговорите продолжуваат, а САД и натаму вложуваат напори како посредник во барањето решение за украинскиот конфликт. Тие напори се важни, особено поради долготрајниот застој во директните преговори меѓу Русија и Украина. Работиме на тоа и остануваме на ставот дека најдобар исход за нас е политичко и дипломатско решение на украинското прашање“, рече Песков.
Путин претходно изјави дека ја поддржува идејата за долготраен мир во Украина, додавајќи дека сите досегашни разочарувања во преговорите се резултат на преголеми очекувања.
Тој ги повтори и своите услови за прекин на војната: неутрален статус на Украина, откажување од членство во НАТО и повлекување на украинските сили од Донецк, Луганск, Херсон и Запорошка област.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за средба со рускиот врв на највисоко ниво доколку Москва навистина сака да ја заврши војната и да постигне траен мир.
Свет
Украина: Нападнавме аеродром на Крим, штетата се мери во десетици милиони долари

Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека извршила напад врз руската воена база Саки на Крим, при што, според нивните тврдења, целосно бил уништен еден борбен авион од типот Су-30М, а биле оштетени уште четири бомбардери од типот Су-24.
Според соопштението на СБУ објавено на Телеграм, погодено било и руско складиште за авионско вооружување. Вкупната проценета штета за руската страна, според нив, изнесува десетици милиони долари.
„Успешната специјална операција на СБУ во Саки е уште еден чекор кон ослабување на способноста на непријателот да води агресивна војна против Украина. Окупаторите мора да знаат дека никогаш нема да се чувствуваат безбедно на нашата земја!“, се вели во соопштението на СБУ.
Аеродромот Саки се наоѓа во западниот дел на Крим, кој е под руска окупација од 2014 година, и често служи како база за воздушни напади врз украинска територија.
Свет
Маж на возраст од околу 40 години загина на концерт на „Оејсис“, полицијата бара сведоци

Маж на возраст од околу 40 години загина откако падна од височина за време на концерт на „Оејсис“ на лондонскиот стадион Вембли, соопшти Метрополитенската полиција, а пренесе Би-Би-Си.
Полицајци и медицински лица на стадионот Вембли реагирале на дојава за повреден маж околу 22:19 часот. Мажот бил „пронајден со повреди кои соодветствуваат на пад“ и бил прогласен за мртов на самото место, соопшти портпаролот на полицијата.
Во изјава од стадионот Вембли се наведува дека на повредениот маж му била укажана помош од страна на медицинските лица, полицијата и лондонската итна помош.
„И покрај нивните напори, посетителот на концертот за жал почина. Сочуствуваме со неговото семејство, кое е информирано и му се дава поддршка од специјално обучени полициски службеници“, се наведува во соопштението.
„Оејсис“ во својата изјава соопшти дека се „шокирани и нажалостени“ од веста за смртта на обожавателот.
Најверојатно, мажот паднал од горниот кат.
Полицијата изјави дека стадионот бил преполн и дека „веруваат оти најверојатно имало повеќе луѓе кои биле сведоци на инцидентот или свесно или несвесно го снимиле со мобилен телефон“.
Метрополитенската полиција ги замоли сите што имаат информации да се јават на бројот 101.
Бендот ја започна својата турнеја по повод повторното обединување. Саботниот концерт беше дел од седум распродадени концерти на стадионот Вембли, кој има капацитет од 90.000 луѓе на три ката.
Следните концерти на бендот ќе се одржат во Единбург на 8., 9. и 12. август, по што следува турнеја низ Ирска, Канада, САД и Мексико, пред повторно да се вратат на Вембли на 27. и 28. септември.