Економија
Тевдовски: Значаен прогрес во реформата на јавните финансии

Законските решенија предвидени со програмата за реформи во управувањето со јавните финансии – ПФМ се или подготвени или во финална фаза на подготовка, а истовремено се работи на оперативата и јакнење на капацитетите на институциите.
Ова беше истакнато денеска на третиот ПФМ-дијалог што се одржа во Министерство за финансии, на кој присуствуваа министерот за финансии, Драган Тевдовски, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, претставници од институциите, од невладиниот сектор и експертската јавност.
– Во 2018 година бевме фокусирани на подобрување на легислативата во повеќе клучни области, како планирање и буџетирање, јавни набавки, јавна внатрешна финансиска контрола, управување со јавен долг и финансиска контрола во јавниот сектор – рече министерот за финансии, Тевдовски.
Министерот посочи дека за новиот Закон за буџетите има подготвено работна верзија и дека во текот на следната година тој ќе се најде во собраниска процедура. Со тоа ќе се направат значајни измени во носењето на буџетот, односно ќе се воведе среднорочно буџетирање.
Тој посочи и дека во тек е подготовката на новиот закон за јавна внатрешна финансиска контрола, кој исто така се очекува да влезе во собраниска процедура в година. Новите закони за јавни набавки и јавен долг се веќе подготвени. Првиот е веќе во собраниска процедура, а вториот е објавен на ЕНЕР. Министерот Тевдовски истакна дека како дел од сеопфатната реформа на јавните финансии се и континуираните мерки за зголемување на транспарентноста.
– Направена е веб-платформа „Граѓански буџет“, на која беа поставени ребалансот на буџетот за 2018 и предлог-буџетот за 2019 година. Исто така, во процес е и креирањето на платформата Open finance, со која јавноста ќе има увид во исплатите од трезорот во реално време – рече Тевдовски.
Амбасадорот на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар, истакна дека спроведувањето на програмата за управување со јавните финансии е од исклучително значење. Тој посочи дека има напредок, особено во делот на фискалната транспарентност.
ПФМ-програмата има цел да го зајакне системот на јавни финансии и да ги подобри ефикасноста и ефективноста на јавните трошења. Оваа програма е подготвена врз основа на соработка на релевантните национални институции, со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА, при што земени се предвид препораките од извештаите за оценка на состојбите во областа на управување со јавни финансии: PEFA, WB PFM Review, SIGMA Baseline Assessment.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ поскапуваат бензинот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,00 отсто во однос на одлуката од 20 јуни.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 6,182%, кај дизелот за 2,172%, кај екстра лесното масло за 6,442% и кај мазутот зголемувањето е за 2,609%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1578%.
Од 24.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,687 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.