Македонија
Хуманитарно трчање од Струмица до Гевгелија – за сите што се борат за здив!

Хуманитарно трчање за подигање на свеста за постоењето на ретката белодробна болест – пулмонална хипертензија. Трката ќе се одржи в недела и ќе почне во 9 часот од плоштадот во Струмица, а финиш-линијата е во Гевгелија, со должина на патеката од 50 километри.
Трасата води од Струмица преку Валандово, Богданци и се очекува да заврши околу 14.30 часот на плоштадот во Гевгелија. Велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица и Здружението асоцијација за пулмонална хипертензија „Момент плус“ го организираат првото хуманитарно трчање по овој повод кое ги поврзува овие два града, со наслов „Трчаме со Николчо“.
Трчањето е во чест на гевгеличанката Ѓургица Ќаева, како и на сите пациенти што страдаат од оваа болест.
Маратонeцот предводник е Николчо Ѓоргиев, кој често ја поддржува оваа иницијатива на сите маратони што ги трча со носење маичка со логото и мотото на Здружението: „Остани без здив“.
Досега се пријавени 32 учесници кои ќе се приклучуваат од разни точки по трасата.
Белодробна артериска хипертензија (ПАХ) е прогресивна болест предизвикана од стеснување на белодробната артерија што ги поврзува десната страна од срцето со белите дробови. Пулмоналната хипертензија е сериозно заболување кое прогресивно се влошува со тек на време и понекогаш завршува фатално. Иако пулмоналната хипертензија не е излечлива болест, третманот што постои ги олеснува симптомите и го подобрува квалитетот на живот.
Во Македонија постојат 15 регистрирани случаи на оваа болест за која малку се знае. Со цел подигање на свеста за постоењето и борбата на болните, буквално секојдневно за здив, Велосипедскиот клуб „Актив“, Струмица, и Здружението асоцијација за пулмонална хипертензија „Момент плус“ го организираат овој настан со поддршка на Општина Струмица и Општина Гевгелија.
Со мотото „Остани без здив“, Здружението асоцијација за пулмонална хипертензија „Момент плус“ ги продолжува своите активности и во 2019 година за подигање на свеста за оваа ретка болест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марта Кос во Скопје на лидерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денес и утре ќе престојува во Скопје, и ќе учествува на лидерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан.
За попладнево е закажана тет-а-тет средба на еврокомесарката Кос со премиерот Мицкоски, по што ќе следи и билатерална средба со останатите делегации.
На лидерската средба ќе присуствуваат лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје.
Македонија
Десетгодишно девојче од Македонија се удави во Италија

Десетгодишно девојче од Македонија се удави во реката Пјаве, во близина на Тревизо.
Како што јавуваат италијанскитее медиуми, девојчето се капело заедно со нејзините браќа и сестри во реката. Околу 16 часот скокнало во вода, но не испливало на површината поради силната струја што го повлекла под водата и сосема го сокрила од видикот.
„На повик дојдоа околу 20 пожарникари од засебните единици на Монтебелуна и Тревизо, како и специјалисти за водни интервенции, нуркачи, дрон и хеликоптер од Венеција, како и припадници на карабињерите. Поради непредвидливата струја, спасувачките операции беа исклучително тешки. По околу два часа потрага, околу 18:30 часот нуркачи го пронајдоа телото на девојчето меѓу големи карпи на реката. Лекар од итната помош констатира смрт“, јавува „РАИ Њуз“.
Смртоносно давење во Пјава имаше и пред 11 дена, кога животот го загуби 21‑годишен маж со венецуелско потекло.
Македонија
Делови од Сопиште, Студеничани и Ѓорче Петров денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од селото Света Петка (општина Сопиште);
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците дел од селото Маркова Сушица (општина Студеничани);
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците дел од улиците 100,21,23,83 (општина Ѓорче Петров).