Свет
(Во живо) Путин одговара на новинарски прашања: Нуклеарната војна не е за потценување!
Рускиот претседател, Владимир Путин, 14. пат одржува годишна прес-конференција за медиуми во Москва, на која присуствуваат и странски новинари.
По неговиот воведен говор, им беше дозволено на новинарите да му поставуваат прашања. На прашањето за нуклеарната војна меѓу Русија и САД, како и за пишувањата на одредени медиуми дека таквиот развој на настаните е можен, Путин рече дека тие прашања во денешно време се сфаќаат помалку сериозно отколку во времето на Студената војна.
„Тоа не значи дека тој проблем станал помал во реалноста“, истакна Путин.
Рускиот претседател нагласи дека САД ја натерале Русија на развој на составот на нуклеарното вооружување со нивното повлекување од договорот за ограничување на нуклеарното вооружување од среден дострел.
„Русија сега има предност, но тоа беше одговор на промената на рамнотежата“, рече шефот на Руската Федерација.
На Американците им порача да не се жалат по повлекувањето.
„Ние знаеме како да ја обезбедиме сопствената безбедност“, додаде тој.
Според рускиот претседател, ситуацијата сепак е опасна бидејќи, како што рече, во прашање е целото човештво. Тој исто така е против развојот на тактичкото нуклеарно вооружување и конвенционалните балистички ракети од долг дострел затоа што, според него, двете технологии се опасни и го зголемуваат ризикот од ненамерно избивање нуклеарна војна.
На почетокот на конференцијата Путин говореше за економските показатели за Русија во 2018 година. Предност први да поставуваат прашања првин добија руските новинари, кои главно се занимаваат со одговори на внатрешните руски прашања, како што се домашните инвестициски проекти и нивната издржливост, како и домашните ресурси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина повика на деескалација по извештаите за севернокорејски трупи во Русија
Кина се надева дека сите страни ќе работат на деескалација на ситуацијата, по извештаите за присуство на севернокорејски војници во Русија, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.
Како што пренесува Ројтерс, кинескиот функционер ова го изјавил како одговор на обвинувањата од Јужна Кореја дека Северна Кореја испратила војници во Русија за да учествуваат во конфликтот во Украина, што го потврдија и неколку други извори.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја претходно објави дека 1.500 севернокорејски војници биле испратени во Русија на воена обука, по што ќе бидат распоредени во Украина, додека јужнокорејските медиуми претходно објавија дека Северна Кореја ќе испрати вкупно 12.000 војници да се борат во Украина.
Свет
Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но тие имаа драматично разделување: во април беше киднапиран од неговата палата во Пенсилванија
Фетула Ѓулен, поранешен имам, писател и политичар, кој беше најголемиот противник на Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Турција, почина во САД на 83-годишна возраст, каде со години живееше во егзил.
Смртта на Фетула Ѓулен ја потврдиле членовите на неговото семејство, објави турскиот „Си-Ен-Ен“. Неговото здравје долго време беше сериозно нарушено. Тој страдаше од откажување на бубрезите, дијабетес и деменција.
Властите во Анкара го обвинуваат Ѓулен дека стои зад неуспешниот пуч во 2016 година. Ѓулен изгради моќно исламско движење во Турција и пошироко, но последните години од својот живот ги помина соочувајќи се со обвинувања дека го организирал обидот за државен удар против турскиот претседател Таип Ердоган, што тој го негираше.
Сајтот Херкулес, кој ги објавува проповедите на Ѓулен на платформата Х објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болницата каде што бил на лекување. Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но подоцна имаа драматичен расцеп.
Ердоган го обвини за обидот за пуч во 2016 година, за време на кој бунтовничките војници користеа авиони, тенкови и хеликоптери. Во обидот за преземање на власта загинаа околу 250 луѓе.
Организацијата на Ѓулен ФЕТО стана многу моќна и влијателна. Во април оваа година се појави информација дека е киднапиран и исфрлен без негова согласност од неговата палата наречена „Chestnut Retreat Center“ во Пенсилванија, каде престојува од 1999 година.
Потоа беше преместена на друга локација. Според членовите на семејството на Ѓулен, киднапирањето го извршиле неговите најблиски соработници, меѓу кои и Мустафа Оџан, еден од главните актери на обидот за пуч во 2016 година.
Го одзеле Ѓулен од седиштето на организацијата и го затвориле на непозната локација, за да ја преземат контролата над финансиските средства на организацијата во случај на неговата смрт.
Свет
Руски тајкун пронајден мртов пред зграда, според властите скокнал од прозорец
Михаил Рогачев, поранешен потпретседател за корпоративно управување на нафтената компанија Јукос, е пронајден мртов во Москва. Телото било пронајдено во саботата наутро во дворот на зградата каде што живеел. Според првичните податоци, Рогачев скокнал од прозорецот. Околностите на смртта се уште се истражуваат, но се сомнева дека има самоубиство.
Телеграмскиот канал MASH наведува дека Рогачев боледувал од тешка форма на рак. Во станот наводно било пронајдено проштално писмо. Лента.ру пренесува дека Рогачев во прошталното писмо ги проколнал лекарите и ги упатил последните поздрави до сопругата. Тој и испратил СМС порака на својата сестра во која се пожалил дека не се чувствува добро.
Рогачев дипломирал на Московскиот институт за челик и легури во 1982 година. Од 1996 до 2007 година, тој имаше неколку менаџерски позиции во различни подружници на Јукос, вклучувајќи ја и позицијата генерален директор на Центарот за истражување и развој. Потоа работеше како извршен директор на Групацијата ОНЕКСИМ, а беше и шеф на Рускиот фонд за технолошки развој.
Инаку, Јукос беше во сопственост на Михаил Ходорковски, тогаш најбогатиот Русин. Ходорковски беше уапсен во 2003 година и осуден на 10 години затвор за затајување данок. Тој и натаму вели дека против него е покрената правна постапка затоа што ја финансирал опозицијата. Јукос беше затворен во 2007 година.