Европа
Аеродромот „Гетвик“ делумно отворен за сообраќај
Аеродромот „Гетвик“ во Лондон е делумно отворен за сообраќај по повеќе од 30 часа од неговото затворање поради беспилотните летала што беа забележани во средата во текот на ноќта над пистата.
Аеродромот соопшти дека пистата е моментно достапна и дека се планирани полетувања и слетувања на авиони во ограничен број, пренесува Би-би-си.
Сообраќајот на „Гетвик“, вториот најпрометен аеродром во Велика Британија, беше во прекин речиси два дена кога беа забележани два беспилотни летала над пистата по што десетици илјади патници останаа заглавени на аеродромот.
Британската полиција вчера соопшти дека верува оти беспилотните летала биле најверојатно намерен акт, но дека немало знаци со кои може овој акт да се поврзе со тероризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Децата од Британија прават најмалку физички вежби во Европа
Истражувањето објавено од Светската здравствена организација (СЗО) покажало дека децата на возраст од 11, 13 и 15 години од Велика Британија прават најмалку физички вежби на дневна основа во споредба со децата од другите земји во Европа, централна Азија и Канада.
Околу 11 отсто од девојчињата и 16 отсто од момчињата во Англија го прават препорачаниот час физички тренинг дневно, пишува британски „Тајмс“.
Физичката активност, од умерена до енергична, вклучува работи како брзо одење, возење велосипед и возење ролери.
„Имаме голем јаз меѓу половите и големи социо-економски разлики. Две третини од 15-годишните момчиња во Велика Британија учествуваат во енергична физичка активност четири или повеќепати неделно, но само една третина од девојчињата“, рече координаторот на оваа меѓународна студија, Џо Инчли, од Универзитетот во Глазгов.
Таа изјавила дека посилните вежби, во кои срцето чука малку побргу, исчезнуваат од животот на младите.
„Порано, кога младите поминуваа многу време надвор, тој број ќе беше многу поголем. Сега гледаме дека многу опаѓа и мислам дека тоа е многу загрижувачки бидејќи може да има големо влијание врз здравјето и благосостојбата на младите“, рече Инчли.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, истакна дека редовната физичка активност, здравите навики во исхраната и одржувањето здрава телесна тежина се клучни делови од здравиот живот.
„Наодите од истражувањето укажуваат на потребата од насочени интервенции за да им се овозможи на адолесцентите да усвојат поздрави навики и да избегнуваат навики што влијаат не само на нивното сегашно здравје и благосостојба туку и на нивните идни траектории“, рече Клуге.
Европа
Нови детали за атентатот на Фицо: напаѓачот ја поддржувал Украина, сакал да му се одмазди на словачкиот премиер
Претседателот на словачкиот парламент, Љубош Блага, изјави дека убиецот на премиерот на земјата, Роберт Фицо, 71-годишниот Јурај Цинтула, е проукраински и ги обвини либералните американски медиуми дека шират дезинформации за да го прикријат овој факт.
Весникот СМЕ ги обвини руските медиуми дека почнале кампања за дезинформација во врска со атентатот на Фицо. „Всушност, дезинформациите се шират од американските либерални медиуми. СМЕ во денешниот напис привлекува внимание на она што Русите го нарекуваат Цинтула проукраински. Но, тие се апсолутно во право за тоа. Беше проукраински ориентиран“, напиша Блага на својот канал на „Телеграм“.
Според него, Цинтула на еден од антивладините собири извикал: „Да живее Украина“ и ја пцуел словачката влада.
„Американските либерални медиуми се обидуваат да скријат дека напаѓачот и потенцијалниот терорист Цинтула е политички фанатик од нивниот сопствен табор, проукраински, анти-Трамп и прогресивно ориентиран“, додаде Блага.
Тој посочи дека на американските либерали не им се допаѓа тоа што политичкото насилство го создаваат нивните либерални активисти.
Покрај тоа, словачкиот портал „Правда“ објави детали од атентатот на Фицо.
Според написот, Цинтула никому не му кажал за своите планови, а нападот го планирал два дена пред атентатот.
„Целта му била одмаздата, а тој повторува дека не сакал да убие никого, туку само да му наштети на здравјето на премиерот Роберто Фико за да не може повеќе да ја извршува таа функција. Нападот го планирал два дена и подготвил два куршума“, пишува порталот повикувајќи се на судски документи.
Според порталот, Цинтула изјавил дека би сакал да му се извини на својот премиер.
„Правда“ посочува и дека обвинетиот за нападот на Фицо никому не му кажал за своите планови и дека тој наводно пукал за да не повреди никого, освен премиерот.
Словачкиот премиер Роберт Фицо беше ранет во пукање по седницата на владата на 15 мај, која се одржа во градот Хандлова, на околу 150 километри североисточно од Братислава. Фицо веднаш бил хоспитализиран во болница, а по неколкучасовната операција, 24 часа бил ставен во вештачка кома, потсетуваат тамошните медиуми.
Сегашната состојба на словачкиот премиер останува стабилна, изјави вицепремиерот и министер за одбрана, Роберт Калињак.
Европа
Норвешка ги затвора границите за руските туристи
Норвешка денеска објави дека набргу ќе ги затвори границите за руските туристи не дозволувајќи им директен пристап до шенген-зоната. Иако не е членка, Норвешка го следи примерот на ЕУ, која презеде слична мерка по руската инвазија на Украина. Скандинавската земја дели 198 километри копнена граница со Русија на Арктикот.
„Одлуката за заострување на правилата за влез е во согласност со пристапот на Норвешка да застане на страна на своите сојузници и партнери како одговор на илегалната агресија на Русија против Украина“, рече министерката за правда, Емили Енгер Мехл. Норвешка, членка на НАТО, речиси престана да издава туристички визи за руските граѓани од пролетта 2022 година.
Само имателите на долгорочна виза издадена пред тој датум или поседуваат виза издадена од друга земја од шенген-зоната можеа да го поминат граничниот премин Сторски – Борис Глеб, единствениот копнен премин меѓу двете земји. Од 29 мај ќе им биде забранет влез во Норвешка.
Предвидени се исклучоци, соопшти Министерството, особено за руските граѓани што ги посетуваат членовите на блиското семејство што живеат во Норвешка и оние што работат или студираат во таа земја или други земји од шенген-зоната. Иако не е членка на ЕУ, Норвешка е тесно поврзана со неа и ги усвои речиси сите санкции што Брисел ги воведе против Русија.