Македонија
24 декември – се заборави и се повтори, одговорност никој не понесе
Кога-тогаш ќе одговараат виновниците за црниот понеделник, велеше лидерот на тогаш опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, кога со име и презиме ги читаше Никола Груевски, Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска и Трајко Вељаноски како нарачател, мотиватор, реализатор и извршител на командата – да се исфрлат од собраниската сала пратениците и новинарите кои на 24 декември 2012 ја следеа седницата за буџетот.
Но, шест години оттогаш никој не понесе одговорност ниту, пак, целосно се расветлија инцидентите.
Од Обвинителството не одговорија дали се постапува и во која фаза е кривичната пријава што СДСМ ја поднесе против тогашниот спикер, а сега пратеник Трајко Вељаноски, за злоупотреба на службената положба.
Прашањето за можната одговорност на поранешниот претседател на Собранието пред две недели лично нему му го постави и судијката Добрила Кацарска на рочиште кога тој во својот исказ за 27 април рече дека и претходно имало инциденти во Собранието.
„Дали по ваша наредба на 24 декември 2012 година беа истепани опозициски пратеници и потоа изнесени од Собранието?“, праша Кацарска на што Вељаноски одговори дека тогаш била нападната функцијата претседател на Собранието и бил уништен системот каде што се претседава.
Неказнивоста за собраниските инциденти од 2012 година, според многумина, придонесе да се случи и крвавиот четврток на 27 април 2017. Во оваа насока e и коментарот на министерката за правда Рената Дескоска која тогаш беше член на Комисијата за расветлување на инцидентите.
„Да не беше прогласен извештајот на ад хок комисијата за 24 декември за “палома” и виновниците, за кои јасно беше утвдено дека ги прекршиле Уставот, законот и Деловникот на Собранието, да понесеа одговорност, можеби немаше да дојде до 27 април,“ напиша денеска на „Фејсбук“ министерката Дескоска.
Пред шест години, на 24 декември 2012, опозицијата се обидуваше да го спречи донесувањето на буџетот за 2013 година со образложение дека не била почитувана процедурата и дека во комисиите не биле разгледани амандманите што тие ги поднеле. Во зовриена атмосфера во салата влезе собраниското обезбедување и насилно ги отсрани опозициските пратеници кога претходно без образложение ги исфрли новинарите, кои седницата ја следеа од галеријата, а пред зградата на Собранието во тензична атмосфера пред барикадите се најдоа приврзаниците на власта и опозицијата поделени на две страни – додека едните протестираа, другите се собраа на контрапротест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

