Македонија
(Видео) Заев: Националната стратегија за едно општество е моделот кон кој се стреми нашата земја
Во организација на Владата на Република Македонија, денеска се одржа отворен ден за консултација за изработката на национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, кој предизвика голем интерес и на кој учествуваа повеќе од стотина претставници на граѓанските организации од целата земја, инфомираат од Владата.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, кој заедно со министерката за правда, Рената Дескоска, зеде учество на отворениот ден со граѓанските организации за изработка на националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, истакна дека различностите на нашето општество се наша предност и наше заедничко богатство и дека од исклучителна важност е стратегијата да биде жив инструмент за превенција од опасноста од доминација на една етноцентрична култура.
„Тоа не е моделот кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Република Македонија почнува со почитувањето на сите заедници. Тој модел повикува да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат“, нагласи Заев.
Премиерот Заев истакна дека треба да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти, туку толеранцијата и солидарноста во концептот едно општество за сите, што е заедничка вредност за сите граѓани на Македонија.
Вклучувајќи се во дебатата, министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека целта на националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија е да го претвори идентитетот со сите свои особености во лост за соработка и заедништво кој потоа ќе биде во функција на заедничката определба – нашата држава да се развива со согласност со интересите на граѓаните.
Министерката за правда истакна дека е потребна поактивна улога на институциите во насока на заштита на различностите – суштината на интеркултурализмот. Во таа насока министерката истакна дека Министерството за правда е во процес на измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде што најзначајната измена на овој законик се токму делата на омраза.
„Кривично дело на омраза е дело мотивирано со непријателски однос, пристрасност или предрасуди кон жртвата како припадник на определена социјална група. Како дело од омраза изречно предвидено со одредбите на овој Законик, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот, кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување“, потенцира министерката Дескоска.
Во воведната сесија на денешниот отворен ден за консултација за изработката на национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам свое учество имаше и Рубин Земон, советник на премиерот за развој на мултикултурното општество, кој информира за текот и постапката на креирање на стратегијата, како и за наредните чекори што ќе бидат преземени во таа насока.
Во завршницата на денешниот настан, на кој со свои сугестии учествуваа голем број претставници на граѓанските организации, помеѓу многуте дискутанти се разговараше за концептот едно општество за сите и како тој е нов чекор во надминување на досегашните пракси на креирање јазови помеѓу различните групи, велат од Владата. Предлози од граѓанските организации стигнаа за самите термини и дефиниции што би се користеле за овој концепт, а би биле за широка едукација на граѓаните. Родовите и малите немнозински маргинализирани групи беа адресирани преку претставници на граѓански организации кои работат на соодветната тематика и воедно имаа предвидени иницијативи што би ги вклучиле во националната стратегија, додаваат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
„Но овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.
„Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Сали-Солстром: Европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата
Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше реафирмирано одличното партнерство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Северна Македонија, како и значењето на зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската унија.
Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со фокус на спроведување на реформите во фундаменталните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за пристапниот процес во ЕУ, за најновите активности во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб за напредок кон Заедничкиот регионален пазар и постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат и значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка 2021–2027, со фокус на демократија, човекови права, владеење на правото, родова еднаквост, одржлив еколошки и економски развој, како и изградба на мирни и инклузивни општества.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка од Шведска и изрази подготвеност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на земјата.

