Македонија
Адвокатите на обвинетите за убиството на Саздовски со забелешки за доказите на Јавното обвинителство

Во кривичниот суд денеска со изведување на материјални докази продолжи судење за смртта на 20-годишниот член на навивачката група „Комити“, Никола Саздовски.
Обвинителот Анел Фидовски од Јавното обвинителство како докази ги изведе извештајот и анализата од Крим-техника, извештај од вештачење, анализа од трага од биолошко потекло, извештај од дактилографска анализа, документација од патничко моторно возило „мерцедес“ со кое обвинетите пристигнале на местото каде што бил претепан Саздовски, психијатриско вештачење, вештачење од Институт за судска медицина и криминалистика, писмен извештај за извршена обдукција и цеде со видеозапис од автомобилот и препознавање на обвинетите.
Адвокатите на обвинетите, Бесир Беља и Скендер Демири, Насер Рауфи и Асмир Алиспахиќ, имаа забелешки на изведените материјални докази од страна на јавниот обвинител во поглед на видеозаписите од доставеното цеде. Нивната забелешка беше во поглед на начинот на кој овој доказ беше изнесен пред судот, односно дека видеозапис не може да биде изнесен со говор.
Адвокатот на семејството на Никола Саздовски, Ванчо Шехтански, побара од судот да обезбеди докази од одделението за дигитална форензика на МВР, да се издадат посебни електронски истражни мерки на компјутерскиот систем и телефоните на Никола Саздовски и обвинетите Бесир Беља, Скендер Демири, како и на Јетон Љужа, кој во моментов е во бегство.
Судот даде петнаесетминутна пауза по што ќе одлучи дали ќе го уважи ова барање на адвокатот Шехтански.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.