Македонија
Ќе се протнува амнестија за дел обвинети на СЈО?
Власта и опозицијата повторно договараат менување на Кривичниот законик, во делот кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки, дознава „Макфакс“ од партиски извори.
Проценките се дека со ова ќе се создаде можност да се протне амнестија низ мала врата, односно дека ќе се отвори можноста десетици обвинети или осомничени во предмети на специјалното јавно обвинителство да се спасат од одговорност или евентуално да добијат пониски казни.
Според членот 353 став 5 од Кривичниот законик, меѓудругите се осомничени и Елизабета Канческа-Милевска за случајот „Тендери“, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски во „Трезор“, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески во „Траекторија“.

Според нашите извори, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги договараат законските измени како дел од целиот процес на „помирување“, во време кога најголемите предмети на СЈО се однесуваат токму на злоупотреба на службата при вршење јавни набавки.
Летоска за време на лидерската средба медиумите објавуваа дека опозицијата барала намалување на затворските казни за делото злоупотреба на службената положба, што беше протолкувано како можност да застарат делата против дел од обивнетите од СЈО. Од опозицијата објаснуваа дека измените се предлагаат со цел да се се прецизира делото за да нема прешироко толкување и недоречености.
Но, оттогаш на политичката сцена се случија многу турбуленции, па очигледно дека прашањето повторно се актуелизира во политичката јавност со цел да се постигне „помирување“.
Пратеници за „Макфакс“ потврдија дека наскоро на дневен ред ќе се најдат измените во Кривичниот законик, но велат дека тоа ќе се прави за да се воспостави разлика меѓу прибавување политички поени и стекнување финансиска корист.
„И претходно имаше иницијативи за промена на Кривичниот законик, но имаше бурни реакции од јавноста бидејќи доколку беше донесен, ќе паднеа обвиненија на СЈО. Мора да се направи разлика, доколку некој со распишување одреден тендер сака да собере политички поени или, пак, да се стекне со финансиска корист. Ако не се смени тој член, секој функционер во иднина ќе имаат страв да распишат тендер бидејќи можат да бидат обвинети дека со тендерот сакаат да се стекнат со политички поени“, вели пратеник кој е запознаен со новата иницијатива за која се сложни и власта и опозицијата.
Сепак, меѓу правниците постои страв дека отворањето на Кривичниот законик и членот што ја регулира злоупотребата на службата преку јавните набавки се прави со цел да се намали одговорноста кај обвинетите во предметите на СЈО, како и во случаите кои се во истрага.
Токму овој член од КЗ се наоѓа и пред Уставниот суд, каде што е отворен предмет за оценување на уставноста. Иницијативата во септември ја поднесе адвокатот Еленко Миланов, кој брани повеќе обвинети во предметите на СЈО. Оспорени се два конкретни членови од законските измени на КЗ од 2004 и 2009. Со првите измени се воведува ставот 5 во членот 353 а со вторите измени се зголемува затворската казна од најмалку 4 години на најмалку 5 години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

