Македонија
ОЈО ја отфрли пријавата на Иванов и Мицкоски против Тричковски
Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава против новинарот Бранко Тричковски за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“,„убиство на претставници од највисоките државни органи“, „раздор“, „повикување на насилна промена на уставникот поредок“ и друго. Пријавата против новинарот Тричковски ја поднеле претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Јавниот обвинител ја анализираше објавената колумна на пријавениот, како и неговите објави на една социјална мрежа кои беа предмет на известувањето доставено од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи. По проучување на сите елементи, јавниот обвинител оцени дека пријавените дела не се дела за кои се гони по службена должност, односно дека во пријавените предметни настани не се содржани суштествените обележја на пријавените кривични дела“, велат од Основното јавно обвинителство.
Јавниот обвинител при донесување на одлуката се водел од праксата на Европскиот суд на човекови права и обврската да се обезбеди заштита на слободата на говорот во демократско општество.
„Имајќи го предвид тоа што пријавениот во овој предмет е новинар, а оштетените се политичари. Пресудите на Европскиот суд упатуваат на фактот дека иако политичарите имаат право на еднаква заштита како и сите други, границите за новинарите се пошироки за изнесување критицизам и мора да се избалансирани со јавниот интерес за отворена дискусија во однос на политички прашања. Пријавениот во својот исказ пред јавниот обвинител потенцирал дека никогаш немал вистинска намера да изврши кривично дело, туку со изнесените ставови само сакал да апелира кон наведените политичари да го променат своето однесување“, додаваат од Основното јавно обвинителство.
Јавниот обвинител констатирал дека слободата на изразување не е апсолутно право и дека пријавениот во изразувањето на своето мислење не ја негувал културата на говорот и етиката, па со тоа ги повредил честа и угледот на споменатите политичари.
„Со оглед на тоа, во пријавените предметни настани не постојат обележја на кривично дело за кое се гони по службена должност, но тие би биле предмет на постапка за утврдување одговорност и надоместување на штетата согласно со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Надлежен за ваква постапка е основниот суд според местото на извршување на навредата“, велат од ОЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

