Култура
Aдеми: Годинава беа поддржани над 2.000 проекти
Министерот за култура, Асаф Адеми, денеска, во Министерството за култура, одржа прес-конференција на која направи пресек на проектите и активностите што се реализираа во 2018 година со поддршка од Министерството за култура, со посебен осврт на изминатите седум месеци од неговото назначување на оваа функција.
Тој информира дека оваа година беа поддржани повеќе од 2.000 проекти, кои беа дел од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата и од конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“.
Во своето обраќање пред новинарите министерот Адеми посочи дека и покрај фактот што Министерството за култура за 2018 година располагаше со буџет од 3.696.695.000 денари, кој со ребалансот беше намален 2,21 отсто и изнесуваше 3.614.695.000 денари, средствата беа рационално искористени за поддршка на реализацијата на проектите од годишните конкурси за капитални инвестиции, за поддршка на уметниците и за подобрување на условите за работа во институциите од областа на културата.
Адеми информира дека во текот на 2018 година беа формирани две нови национални установи, и тоа: Гостиварски театар, институција чија прва премиера се очекува в година, и Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија – Скопје, кој неодамна го реализира и својот прв концерт. Адеми посочи дека од особено значење за културните работници е и одлуката со која од март в година ќе се изврши нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата, а на која се чекаше подолго од една деценија. Министерството и годинава, како што посочи Адеми, продолжи со поддршката за уметниците во делот на месечните надоместоци за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход, и тоа за 109 уметници, а двојно беше зголемена и поддршката за конкурсот за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри.
Министерот за култура најави дека в година Скопје и Република Македонија ќе бидат домаќини на два големи меѓународни настана: јубилејната 5. конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и Форумот за културна соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина на министерско ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.