Македонија
Кузмановска: Заев го зголемува бројот на функционери за да ја исплаќа лакомоста на партиските послушници

Заев го зголемува бројот на функционери за да ја исплаќа лакомоста на партиските послушници, рече на прес-конференција во Собранието пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска.
Таа го соопшти ставот на опозициската партија според кој предлог-законот за јавни претпријатија ќе значи дополнителна партизација.
„СДСМ сака да вдоми партиски кадри, да ги направи функционери со воведувањето на заменик-директори. Првично предлогот бил само за претпријатија формирани од Владата, но вчера го дополниле и за претпријатија формирани од општините и Град Скопје“, изјави Кузмановска.
Тоа како што рече пратеничката, ќе значи и дополнителен товар за буџетот.
Со новите законски измени предложени од пратеници од владејачкото мнозинство, секое јавно претпријатие треба да добие свој заменик-директор кој ќе го менува директорот во случај на отсуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во акција на МВР и Обвинителството приведени две лица за примање поткуп и награда за противзаконито влијание

Две лица се приведени под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Акцијата е во координација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, додека дел од медиумите неофицијално објавија дека еден од приведените е Мухсин Арифи – в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ Скопје.
Македонија
Пациентите се категоризираат според потребите за рехабилитација по пожарот во „Пулс“, соопшти Министерството за здравство

Во моментот се врши категоризација на пациентите според потребите за рехабилитација со цел обезбедување соодветен понатамошен третман на повредените лица по пожарот во Кочани, соопшти Министерството за здравство.
Во болниците во земјата во моментот се хоспитализирани вкупно седум пациенти од повредените лица во трагедијата во Кочани, од кои четворица се хоспитализирани на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, еден на Клиниката за токсикологија и двајца пациенти во приватната болница „Систина“.
Во странски медицински центри остануваат хоспитализирани 64 пациенти.
Македонија
Објавен конкурсот за еколошки проекти, достапни 3,7 милиони евра

Министерството за животна средина и просторно планирање го објави јавниот Конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година. На располагање се 3,7 милиони евра.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, истакна дека Програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности што придонесуваат за заштита, унапредување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните.
Меџити со апел до општините, здруженијата на општините, граѓанските организации и научно-образовните институции активно да се вклучат во овој процес.
Вкупниот износ што Министерството го распределува оваа година изнесува 229 милиони денари и тоа 100 милиони денари за изградба и техничка документација за канализациони системи и системи за пречистување на отпадни води, 100 милиони денари за изградба и надградба на водоводни системи, 10 милиони денари за образовни, истражувачки и развојни проекти и 19 милиони денари за активности за подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со животната средина.
Министерот Меџити потенцираше дека процесот на избор и распределба на средствата ќе се спроведува транспарентно и објективно, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи организациска структура, ефективност на буџетот, влијание на проектот и усогласеност со национални стратегии.
Рокот за аплицирање изнесува три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страна на Министерството и се прилагодени според типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.
Особено охрабрување беше упатено до стартапи и технолошки компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
„Овој Конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност“, изјави министерот Изет Меџити.
Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени по завршувањето на процесот на евалуација.