Македонија
Филипче ќе го враќа ин витрото во јавното здравство
Преку јавно-приватно партнерство, Министерството за здравство планира да го враќа и зајакнува ин витрото во јавното здравство. Досега најголем број од пациентките кои добиваа бесплатни ваучери за ин витро ги користеа во приватните болници кои имаа склучено договор со Фондот, а не на Државната клиника.
Сега, од Министерството преку оглас бараат понудувач кој за 10 илјади евра ќе изработи физибилити студија со која би се разгледале опциите за зголемување на капацитетот во државните институции и воведување методи кои ги нема во приватните болници.
„Поентата е да се зајакне капацитетот за системот за наплата, а ваучерите остануваат. Досега најголем број од пациентите одеа во приватните болници, но ние сакаме да го зголемиме капацитетот во државните институции, да ангажираме уште повеќе експерти, но и да воведеме методи кои ги нема во приватните болници. Освен со зголемување на квалитетот на услугата, употребата на ваучерите ќе останат во државната клиника, но и ќе го развиваме јавното приватно партнерство“, велат од Министерството.

Планот е јавното приватно партнерство да биде меѓународно, односно странска компанија да влезе со инвестиција во одделот за ин витро на Државната клиника.
Неизвесно е кој би бил мотивот на една странска приватна компанија да влегува со инвестиција во македонското државно здравство, ако од тоа нема висок профит, што, пак, го наметнува прашањето колку оваа идеја би била економски оправдана за државниот буџет.
Тенденцијата за воспоставување јавно-приватно партнерство стана заштитен знак на министерот за здравство, Венко Филипче.
Ова е трета физибилити студија за јавно-приватно партнерство што во последниве месеци ја бара Министерството. За секоја студија се издвојуваат 600 илјади денари, односно по околу 10 илјади евра. Првата беше за јавно-приватно партнерство за Итната медицинска помош, втората за модел за искористување на капацитетите што ги нуди ЈЗУ Универзитетски институт за позитронско-емисиона томографија, а третата е за ин витро фертилизацијата.
Во меѓувреме, модел на јавно приватно партнерство во здравството за првпат ќе почне да се применува од наредниот месец кога кардиохирургијата за деца ќе се пресели во приватната болница „Филип Втори“ на Жан Митрев, без претходна јавна дебата. Она што се знае е дека кадарот од државната кардиохирургија за деца на чело со Владимир Чадиковски ќе биде вработен во „Филип Втори“, а од Министерството убедуваат дека со ова се очекува за ист трошок да се има подобри услови за работа на лекарите, за престој на децата со срцеви заболувања и за нивните семејства.
Во јавноста се големи реакциите во однос на овие идеи и на нив се гледа како на признавање на поразот во јавното здравство, негова приватизација и можност за заработка на приватни компании и лица. Министерот Филипче, пак, во ова гледа можност за соединување на експертизата во приватниот и во државниот сектор, подобри услови и интегриран сервис на здравствена услуга.
Недостигот од покрупни инвестиции во здравството и преминувањето кон јавно-приватни партнерства министерот за здравство го правда со фактот што сè уште се чека на изградбата на новиот клинички центар, за кој не се знае кога и каде би бил изграден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња со активен микрочип
Јавното претпријатие „Лајка“ предупредува на континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно утврдени сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, што создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.
Од претпријатието наведуваат дека девет кучиња заловени во последниот период имале сопственици кои свесно ги напуштиле. Секое од овие кучиња, велат од „Лајка“, претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што го зголемува бројот на напуштени миленици и проблемите за заедницата.
Во соопштението се посочува дека напуштањето миленик претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но дека не постојат прекршочни мерки што би ги санкционирале сопствениците кои свесно ги оставаат чипираните кучиња да талкаат. Овој системски недостаток, додаваат од претпријатието, доведува до тоа ваквите животни да завршуваат во „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица.
ЈП „Лајка“ нагласува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но дека ситуацијата со напуштени чипирани миленици покажува колку е потребно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.
Македонија
(Видео) Исмаил: Левица предложи амандман за зголемување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци, власта го одби
На Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, го образложи амандманот на пратеничката група со кој се бараше зголемување на ставката за трансфери кон Фондот за здравствено осигурување, а со цел да се создадат услови породилното отсуство да се продолжи од сегашните 9 на 12 месеци.
„Ова е и препорака на Светската здравствена организација. Првата година од животот на детето е клучна за неговото здравје и неговиот понатамошен развој,“ истакна пратеникот од Левица.
Тој посочи дека продолжувањето на породилното има силно позитивно влијание и врз здравјето на мајките. „Истражувањата покажуваат дека колку е подолго породилното отсуство, толку се помали случаите и на постпородилни ризици”, истакна тој.
Во своето обраќање тој потсети и на честата реторика на власта за наводна грижа за наталитетот. „Ако навистина сте загрижени за демографијата, очекувам поддршка бидејќи ова е директна стимулација“, порача пратеникот, но амандманот со којшто се предлагаше зголемување на средствата за да се обезбеди подолго породилно отсуство – беше одбиен без контрааргументи и образложение, велат од партијата Левица.
Инаку, Левица и претходно имаше поднесено Предлог-закон за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, којшто беше одбиен без какво било образложение од страна на владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата.
Македонија
Општина Бутел продолжува со асфалтирање на улиците во Визбегово
Општина Бутел информира дека продолжува со активностите за асфалтирање на улиците во населеното место Визбегово.
„Локалната самоуправа продолжува со силна динамика да ја подобрува патната инфраструктура во сите населени места во општината. Овие активности се реализирани преизборни ветувања на градоначалникот Дарко Костовски“, велат од општината.
Во тек е реконструкција и асфалтирање на вкупно 70 улици, со инвестиција од 150 милиони денари. Проектите имаат за цел унапредување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на жителите.

