Македонија
Рекордери во тендери за 2018 – секој месец по 2 милиони евра од државата
Градежни фирми, фирми за медицинска опрема и лекови и добропознатата „Пуцко Петрол“ за нафтени деривати се на врвот на листата на компании кои годинава добивале тендери од државата.
Анализата на „Макфакс“ покажува дека непобледива е фирмата „Пуцко Петрол“ во сопственост на семејството на градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски, која годинава заработила дури 28 милиони евра од тендери, или во просек по 2.3 милиони евра месечно. Ова е за 12 милиони евра повеќе од 2017 година, кога Пуцко Петрол добил 16 милиони евра само од државни тендери.
На листата на фирми со добиени највисоки суми од тендери се и „Алкалоид Конс“, акционерското друштво за лекови и медицинска опрема „Д-р Пановски“, а од градежните претпријатија „Жикол“ Струмица и „Пелистер“ Битола.
„Макфакс“ ги собираше податоците користејќи ја алатката на агрегаторот Тиме.мк, каде што се објавени систематизирани податоци од електронскиот систем за јавни набавки, со можност за попрецизно пребарување.

Јавни претпријатија, министерства, општини, болници, училишта, судови се само дел од органите во државата кои „Пуцко Петрол“ ги снабдува со нафта и нафтени деривати. Над 240 тендери има добиено оваа компанија во последнава година, односно само околу 100 дена во годината „Пуцко Петрол“ не добива тендер.
Исмаил Јахоски, кој до 2014 беше сопственик на „Пуцко Петрол“, пред да ја преземе неговиот син Асмир, од 1996 година е градоначалник на Пласница. Во последниве две децении тој не бил градоначалник само во мандатот од 2004 до 2009 година, а потоа продолжува да ја води општината.
„Пуцко Петрол“ ја основа во 1993 година и фирмата располага со повеќе бензински пумпи и се занимава со промет на нафтени деривати, градежни материјали и други дејности.
Зависно од изборната година Јахоски бил кандидат од СДСМ или од ДУИ.
Во декември лани Министерството за одбрана го раскина договорот со „Пуцко петрол“ за снабдување со мазут поради немање лиценца за трговија со мазут. Случајот го открија медиумите, а дури потоа следуваше реакцијата на Министерството за одбрана за раскинување на договорот. Тогаш Регулаторната комисија за енергетика објави дека „Пуцко петрол“ без лиценца за мазут снабдувал и други државни институции, но одговорност за случајот немаше.
Фирмата Д-р Пановски, која е во сопственост на Златко Пановски, татко на директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис, е исто така на врвот на листата по добиени тендери годинава, односно во просек, месечно добива по околу милион евра. Министерството за здравство, Агенцијата за лекови, голем број клиники и здравствени установи склучуваат договори за набавки на лекови од оваа веледрогерија.
Пановска Ставридис лани во септември до Антикорупциската комисија поднесе изјава за нејзино изземање од сите постапки за јавни набавки каде како потенцијален понудувач може да се јави веледрогеријата на нејзиниот татко, а комисијата со писмено известување му укажа на менаџментот на клиниката, за вакви случаи да овласти друго лице за спроведување на јавните набавки. Сепак, отворено останува дали Пановска како директор не може да влијае при изборот за најповолен понудувач да се избира токму семејната фирма. Во медиумите се отвори случајот кога токму Клиниката со која раководи Пановска, доби тендер од фирмата на нејзиниот татко во вредност од над 2 милиони евра. Откако случајот беше обелоденет во јавноста, Клиниката демантираше дека директорката имала било каква поврзаност, бидејќи таа не одлучувала за тендерот, а постапката била спроведена транспарентно и без никакви привилегирања.
„Жикол“, пак, е фирма на Никола Пандев, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Струмица и неговиот татко Живко Пандев. Пандев го напушти советничкото место во општината откако беше утврден конфликт на интереси во однос на двете позиции што тој ги држеше.
Градежното претпријатие „Пелистер“ на Силјан Муцевски, пак, годинава има добиено само два тендери, но на високи суми, што го става на врвот на листата. Осум милиони евра чинат двата тендери на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, кои ги добива оваа компанија.
АД ЕЛЕМ е на врвот на листата како нарачател на тендери – само годинава биле распишани јавни огласи за сума од над 40 милиони евра. Веднаш за АД ЕЛЕМ е ЈП претпријатие за државни патишта, а потоа следува ЕВН.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

