Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово–Дебар и Гостивар–Кичево

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП „Македонија Пат“, соопштуваат од Авто мото-сојузот на Македонија.
Слаб снег и натаму провејува на целата територија во републиката, а на планинскиот превој Ѓавато задолжителна е употреба на зимска опрема односно ланци.
На патните правци Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража се уште е на сила забраната за тешки товарни возила, додаваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини, како што информираа од АМСМ нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер.
Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија

Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Блискиот Исток има древна и богата традиција на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Историјата покажа дека различноста кога се почитува, може да биде извор на културно збогатување и долгорочен мир. Но, исто така, историјата учи дека насилството, без оглед на неговото потекло, ги продлабочува поделбите, го продолжува човечкото страдање и ги оддалечува страните од праведно и сеопфатно решение. Убедени сме дека одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право“, рече претседателката.
Таа додаде дека непрокосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат, дури и за време на војна, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
„Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори“, рече Сиљановска – Давкова.
Македонија
По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации, изјави Сиљановска – Давкова

По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк
„Следната година ќе бираме нов Генерален секретар на Обединетите нации. Потребна ни е личност со лидерски вештини, со богато дипломатско искуство, со способност да ги премостува разликите и да гради консензус, но и да биде длабоко хумана и посветена на ранливите. Идниот прв дипломат на светот мора да има многу знаење, трпение и такт. По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации. Во свет доминиран од силни мажи, често со оружје, потребни ни се силни жени со мудрост и емпатија. Верувам дека жените, кои, заедно со децата се најголемите и најбројни жртви на војните, имаат неотуѓиво право и обврска да посегнат по нивна превенција“, рече претседателката.
Таа кажа дека анархичниот меѓународен поредок е закана за сите, а најмногу за малите држави и дека е природно малите и средни држави да бидат најголемите поддржувачи на реформите на Обединети нации.
На крајот на своето обраќање, Сиљановска – Давкова рече дека светот се наоѓа пред голем испит.
„Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународен поредок врз визионерски принципи, или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото. Поранешниот Генерален секретар Даг Хамершелд потсети дека „Обединетите нации не се формирани за да нè однесат во рајот, туку за да нè спасат од пеколот. […] Треба да ги препознаеме Обединетите нации за она што се – навистина несовршен, но неопходен инструмент на нациите во работењето за мирна еволуција кон поправеден и побезбеден светски поредок.“ Да им ја дадеме таа шанса“, рече претседателката.