Македонија
(Видео) Граѓаните на минусни температури повторно пред Собранието против уставните измени

Снегот и температурите под нулата не ги спречија демонстрантите денеска повторно да излезат на протест пред Собранието на Република Македонија против уставните промени.
Граѓаните кои ја блокираа улицата пред Собранието извикуваат „Македонија, Македонија“, „Предавници“, „Платеници“. Тие ги повикуваат пратениците и претседателот Ѓорге Иванов да им се придружат на протестот за да се се спротивстават на промената на името.
На денешниот протест се очекува да се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вчера заедно со пратениците од неговата партија се придружија на протестот.
Според најавите, денеска треба да се гласаат уставните измени, кои се во третата и последна фаза, односно амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог уставниот закон за прогласување на амандманите. Секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општ претрес, па претрес по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство. Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се дебатира и гласа за уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.
Според најавите, последните изгласувања со двотретинско мнозинство би требало да се случат утре, откако ќе завршат расправата и изгласувањето на поднесените амндмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.