Македонија
ОМ: Сите сме македонски народ, нема никаква потреба да се делиме по етнос
Македонски народ е целиот народ на Македонија. Сите сме македонски народ, нема никаква потреба да се делиме по етнос или самочувство бидејќи во минатото секој се чувствувал како Македонец, дел од македонскиот народ, без разлика на кој етнос или неговото етничко самочувство, велат од Обединети за Македонија.
Од партијата велат дека според последните неофицијални информации, дел од преамбулата во Уставот ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…“, а амандманот 36 или членот 49, каде што во самиот предлог стоеше „за дијаспората на македонскиот народ“, да е сменето со „дијаспората на македонскиот народ и другите заедици што живеат во Македонија“.
„Во овие историски денови на нашата Македонија, гледајќи ги предлозите за измени на Уставот, Обединети за Македонија не може, но и не смее да не даде еден најбезбеден предлог за сите граѓани на нашата земја кои искрено ја сакаат и почитуваат. Ако ги набројуваме сите етноси по оваа логика, да има барем еден од друг етнос, ќе се чувствува подолу од другите, макар и да е кажано ‘и дел од другите народи’“, велат од ОМ.
Од таму велат дека најдобро решение е ВМРО како организација, не како партија, со сите свои претходни имиња да се внесе во преамбулата на Уставот
„Ако основата на нашата држава е револуционерната борба на нашите предци, Обединети за Македонија како центродесничарска партија, која ја почитува традицијата, учи од минатото и се бори во иднина да не се повторат грешките од него, предлагаме ВМРО како организација, не како партија, со сите свои претходни имиња да се внесе во преамбулата на Уставот и да се земе пример за каква Македонија сонувале нашите предци“, велат од ОМ.
Од таму додаваат дека образложението за овој предлог е во членот 1 во Уставот на ТМОРО, кој гласи: Тајната-македонско-одринска револуционерна организација има цел да ги сплоти во едно сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области, и во членот 4, кој гласи: Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец, кој не е компромитиран со ништо нечесно и бескарактерно пред општеството и кој ветува и се задолжува да биде корисен на револуционерното ослободително дело.
„Според шпекулациите, пописот во 2020 ќе биде без графа на етнос. Тогаш, ако одиме попис без етнос, не гледаме потреба од промена на вакви делови од Уставот и ставање поголем товар на нашата држава. Ајде, конечно, да ги тргнеме канџите на југословенизмот и застарениот модел на поделби, дајте сите сложно да сме тоа што сме – македонски народ“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

