Македонија
Поднесено обвинение против поранешниот градоначалник на Неготино
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска до Основниот суд во Неготино поднесе обвинителен предлог против поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов, со кој го товари за сторено кривично дело„злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинителството, како што посочија оттаму, утврдило дека обвинетиот во временскиот период од 2014 до 2017 година, во повеќе наврати, како тогашен градоначалник на општина Неготино ги пречекорил службените овластувања со намера за вработени во општината, четворица државни службеници, да прибави поголема имотна корист во вкупен износ од 694.583 денари.
„Обвинетиот постапил спротивно на одредбите од Законот за работни односи, Законот за државни службеници, Законот за административни службеници и Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија каде е предвидено дека прекувремената работа може да трае најмногу 8 часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, при што додатокот за плата за прекувремена работа да биде во износ од 35 проценти од износот на основната плата пресметана по час“, велат од обвинителството.
Ексградоначалникот на Неготино го извршил кривичното дело и нанел штета на буџетот на општината, со тоа што потпишал на вработените во Општината да им биде исплатено повеќе од 190 часа годишно прекувремена работа, и тоа по 40 проценти за час, без да постои поединечно решение и извештај за прекувремената работа, ниту уредно архивско заверување, велат од обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.
Македонија
Алиу во Тирана на основање на Пан-албански колеџ на хирурзи: се нанадевам дека ќе прерасне во механизам за прекугранична соработка
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПAKX), што се одржа во Тирана, соседна Албанија.
Во обраќањето пред присутните хирурзи од Албанија, Северна Македонија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други, држави министерот Алиу нагласи дека со оваа професионална организација се поставуваат нови мостови на поврзување меѓу институциите и различните генерации на хирурзи, притоа поврзувајќи ја оваа хумана професија со нејзината благородна цел за безбедност и достоинство на пациентот.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Затоа, основањето на ПAKX е важно не само за хируршката заедница, туку и за министерствата за здравство и јавните здравствени системи во целиот регион. Секоја иницијатива што ги подигнува стандардите, го зајакнува континуираното образование, овозможува размена на добри практики и гради професионални мрежи, значи намалување на ризиците, подигнување на квалитетот и зголемување на довербата во здравството“, рече министерот Алиу.
Тој оцени дека основањето на колеџот е резултат на сериозна и долгорочна работа и продолжение на успешните регионални искуства, што води кон создавање на реална можност за менторство, размена на искуство, заеднички програми за обука и создавање култура на заеднички квалитет во хирургијата.
„Кога професионалците преку вакви организации се обединуваат околу стандардите, тогаш може да се очекува здравствените политики да бидат пореални и применливи. Верувам дека овој колеџ ќе прерасне во платформа за заеднички обуки, размена на специјализанти, структурирано менторство, симулациски тренинг и академска соработка меѓу универзитетите и клиниките. Притоа, очекувам оваа соработка да прерасне и во силен постојан механизам за прекугранична соработка, консултации и координација“, рече министерот Алиу и додаде дека здравството е простор каде политиката мора да биде најодговорна, затоа што секоја одлука допира до човечки живот.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.

