Македонија
Влада: Испишано е ново историско поглавје на нашата државност
Граѓаните на Република Македонија преку своите претставници во Собранието, вечерва, со прифаќањето на уставните измени, напишаа ново историско поглавје на нашата државност, велат од Владата по гласањето на уставните измени во Собранието.
Според Владата, денешното гласање е чин што одава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереса – членството во НАТО и ЕУ.
„Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор што овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата. Остварувањето на овие придобивки дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија. Притоа македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме – остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Владата.
Понатаму се додава дека со гласањето е отворена нова, светла перспективна иднина за сите граѓани и за доброто на идните генерации.
„За мирна и безбедна земја, каде што Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други етнички заедници ќе живеат подобар и просперитетен живот. Владата на Република Македонија изразува благодарност до сите граѓани и до сите поддржувачи и партнери на земјата за големата и значајна поддршка во целиот процес на прифаќање на договорот од Преспа, со кој се обезбедува иднината на државата како рамноправна членка на НАТО и ЕУ“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

