Македонија
Жалбата на Јанкулоска го одложи одлучувањето на Врховен за затворот на Груевски
Врховниот суд втор месец не може да одлучува по жалбата на осудениот бегалец, Никола Груевски, бидејќи списите за предметот „Тенк“, во раздвоената постапка за ексминистерката Гордана Јанкулоска се доставени на одлучување во Апелациониот суд, потврдија од кривичниот суд „Макфакс“.
Тоа значи дека додека скопска Апелација не одлучи за жалбaтa на Јанкулоска, врховните судии не ќе можат да одлучуваат за барањето на Груевски за вонредно преиспитување на пресудата.
Апелациониот суд на 19.10.2018 година ја доставил правосилната пресуда за случајот „Тенк“ за експрмиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, до Основниот суд Скопје 1.
„На 16.11.2018 година како суд го известивме Врховниот суд на Р. Македонија дека првостепениот суд се` уште постапува по истиот предмет и тоа по изјавен редовен правен лек – жалба, поднесена од обвинетата Г. Ј. на која ѝ се суди во раздвоена постапка“, велат од кривичен за „Макфакс“.
Според образложението на судот, приоритет има редовниот правен лек наспроти вонредниот и предметот од раздвоената постапка заедно со списите од конкретниот предмет се доставени по жалба на надлежно одлучување во Апелациониот суд во Скопје на 19.11.2018 год.
Судот го известил Врховниот суд дека може да достави и фотокопии од предметот со што побрзо би се создале услови за постапување и по вонредниот правен лек, но до овој момент нема повратен одговор.
Од судот велат дека веднаш штом списите од предметот се вратат во судот, тој ќе биде доставен на надлежно постапување по вонредениот правен лек до Врховниот суд.
Некои од адвокатите кои го бранеа Груевски во овој предмет за „Макфакс“ рекоа дека станува збор за раздвоени постапки со решенија на првостепениот суд и дека не е оправдување тоа што списите за предметот се во Апелациониот суд на одлучување. На тој начин, велат тие, му се повредува правото на осудениот за навремено одлучување по вонредниот правен лек до највисокиот суд.
Апелациониот суд во октомври 2018 година објави дека ја потврдил првостепената пресуда за Груевски за противзаконито влијание за набавка на екстралуксузниот „мерцедес“. Неколку дена подоцна судијката Добрила Кацарска ја осуди ексиминистерката Гордана Јанкулоска на казна затвор од 6 години за злоупотреба на службената положба и овластување за набавката на истото возило.
Скопска Апелација сè уште не закажала седница за да одлучува за жалбата на Јанкулоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи во Кочани, Делчево, Кичево, Битола и Куманово: возеле пијани, а еден од нив предизвикал и сообраќајна незгода
Вчера во 20:56 часот, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода А.Б.(28) од с.Грдовци, кочанско. Претходно, тој со патничко возило „бмв“, кое го управувал, учествувал во сообраќајна незгода со патничко возило „киа“ со штипски регистарски ознаки, управувано од М.К.(23) од с.Чифлик, кочанско, а при преземање мерки е констатирано дека А.Б. е под дејство на алкохол, односно дека има 1,97 промили алкохол во крвта.
Ноќеска во 01:30 часот на ул.„ Кеј на Брегалница“ во Делчево, полициски службеници го лишија од слобода Т.С.(36) од Делчево. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фиат пунто“ со делчевски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,36 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Вчера во 16:37 часот на експресниот пат Кочани-Штип, полициски службеници од ОВР Пробиштип го лишија од слобода В.А.(48) од с.Трсино, виничко. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „поло“ со винички регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 3,04 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Ноќеска во 04:00 часот на бул.„Ослободување“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода Б.Н.(46) од Кичево. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кичевски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,75 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Вчера вечер во 23:17 часот на ул.„Партизанска“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода С.Ф.(33) од Битола. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со битолски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,61 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Ноќеска во 01:42 часот на ул.„Никола Тесла“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода В.М.(54) од с.Брусник, битлско. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „шкода“ со битолски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,05 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Ноќеска во 03:45 часот на бул.„Трета македонска ударна бригада“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Ф.А.(29) од с.Биљановце, кумановско. При контрола на патниот сообраќај во Куманово, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген поло“, кое тој го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,77 промили алкохол во крвта.
Вчера во 23:30 часот на бул.„Октомвриска револуција“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода Т.Д.(57) и Ф.Д.(60), двајцата од Штип и О.С.(39) од Струга. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „алфа ромео“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Т.Д. и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 2,04 промили алкохол во крвта. При обид да го лишат од слобода, неговите сопатници О.С.(39) од Струга и Ф.Д.(60) од Штип, агресивно се однесувале и ги попречувале полициски службеници, по што и тие се лишени од слобода.
По целосно документирање на настаните, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Македонија
Времето утре: сончево и студено со умерен ветер
Утрото ќе биде ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -1 до 6 степени.
Утре времето во Скопје, ќе биде сончево и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -8, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Времето во наредните денови
Во петок времето ќе биде променливо облачно и студено со минимални температури насекаде под нулата. Во западните делови ќе има повремени врнежи претежно од снег. Потоа продолжува периодот на променливо облачно и потопло време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
(Фото) Министерот Алиу во посета на Клиниката за детски болести: им посака на сите деца поскоро оздравување
Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски и претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ја посетија и Клиниката за детски болести.
Како што известија преку социјалните мрежи, на сите дечиња им посакаа среќна Нова Година исполнета со безгрижност и радост и што поскоро да оздрават и да се вратат дома кај своите семејства.

