Култура
Министерството за култура унапредува по етничка основа, а брка реномирани советници
На почетокот на годината Министерството за култура унапреди 20 службеници во разни сектори, а се поздрави со советникот и креатор на Националната стратегија за култура, Златко Теодосиевски. Оваа кадровска политика, која ќе овозможи напредок во кариерата и повисоки плати за некои службеници, ќе го чини буџетот дополнителни 1.283.220 денари или нивните плати се зголемени во просек за 23,87 отсто.
Од Министерството за култура тврдат дека оваа постапка треба да им овозможи на службениците да напредуваат во кариерата и дека тие 10 години стагнирале. Евидентно е дека сите што на крајот од годината добиле решенија за унапредување на интерниот оглас на ресорното Министерство се етнички Албанци.
Не станува збор за етнизирање, велат од Министерството, а според нив, сите што добиле унапредување ги исполнуваат критериумите и не е правена поделба по никаква етничка основа.
„Како и што беше објавено, во Министерството за култура во изминатиот период беа потпишани 20 решенија за унапредување на веќе вработени административни службеници, кои тука работеле повеќе од десет години и кои досега намале никакво кариерно унапредување и покрај стекнатото искуство и вложениот труд за нивното долгогодишно работење.
Нагласуваме дека постапката за унапредување ја почнуваат раководните лица на државните службеници во Министерството за култура во согласност со член 48, став 3 од Законот за административните службеници, со објавување интерен оглас на веб-страниците на Министерството за култура и на Агенцијата за администрација. Право на пријавување има секој административен службеник во Министерството кој ги исполнува условите наведени во интерниот оглас според работни места“, изјавија од Министерството за култура за „Макфакс“.
Од друга страна, пак, Теодосиевски без образложение на 3 јануари добил известување потпишано од министерот за култура, Асаф Адеми, дека неговите услуги не му се повеќе потребни на ова Министерство. Која е точната причина за оваа одлука на Адеми не е познато. Исто така, не е прецизно наведено за кои услуги станува збор бидејќи Теодосиевски беше ангажиран за повеќе активности во ова Министерство, а кои се однесуваа на креирање и оддржување на културната политика.
Од Министерството велат дека е тенденциозна забелешката оти се унапредувало по етничка основа.
„Јавноста памти дека ние од првиот ден кога стапнавме на чело на Министерството за култура, првата наша реченица беше ‘култура за сите’ во смисла дека ние нема да направиме никакви етнички, политички или други разлики во однос на услугите што ги добиваат нашите граѓани. Затоа и намерата да се дава етнички предзнак на секоја наша постапка ја сметаме за целосно тенденциозна. За нас, во Министерството за култура нема Македонци, Албанци, Турци, Власи или други. Тие сите за нас се вработени, административни службеници на Министерството. Ние не водиме други евиденции“, е ставот на Министерството.
На својот блог Теодосиевски ја објави книгата Laissez faire, во која, меѓу другото, пишува за стандардите во културата што зависат од политичката волја и предупредува на очигледните факти што укажуваат дека во културата се води погрешна и штетна политика.
„Да, јасно е дека (и) стандардите зависат од политичката волја, како и сè друго во оваа држава. Ама ако говориме за влез во Европската Унија, па за компатибилност со нејзините системи, дури и во културата, нели е неопходно некакво усогласување?
Понатаму, како што вели проф. Малески, ако повеќето македонски закони го носат европското знаменце, а оваа држава е на ова дереџе, нели имаме сериозен проблем што вообичаено се нарекува – човечки материјал? Ама и тука, повторно, имаме проблем. Зашто, ако тој шкарт човечки материјал вообичаено го врзува(в)ме за злосторничкото здружение што ја зароби државата и ја киднапира културата, зошто тогаш и денес слушаме приказни – веродостојни, патем за актуелни дивеења на истиот шкарт човечки материјал во културата, за (дури) малтретирање и изживување врз новите (в.д.) директори во културата поставени од оваа власт? И навистина ли ништо не може да се направи во таа насока? И, понатаму, за што кука оној несреќен СОНК, кој цела деценија дуваше во иста тиква со злосторничкото здружение, а сега наоѓа забелешки што токму нивниот расиплив човечки материјал мора да се замени со нов? Што правеше нивното среброљубно раководство додека во Македонија толку години во културата, образованието и во науката се спроведуваше негативна професионална селекција?“, пишува Теодосиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков од Охрид: Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува – со заемна почит, доверба и визија
„Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во услови на климатски промени, деградација на просторот и притисок од масовниот туризам, неопходно е да применуваме интегрирани методологии што ги поврзуваат научните знаења, стручните практики и современите технологии. Заштитата на наследството е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на министерската конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (КОМОКОСЕЕ), што денеска се одржа во Охрид.
Според Љутков, глобалните кризи во последната деценија јасно покажуваат дека културата мора да биде интегрален дел од општествениот развој. Според него, Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид 2014 година, постави важни темели за соработка, но денес е потребно тие да се надградат со поефикасни механизми, функционална соработка и засилена доверба меѓу земјите од регионот.
Тој ја нагласи важноста на заштитата на културното наследство, дигиталната трансформација и зголемената улога на локалните заедници, како клучни елементи за развој на современи културни политики. Министерот ја потенцираше и иницијативата за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, оценувајќи дека тоа ќе обезбеди поголема стабилност и професионализација на заедничките активности.
„Заедничката иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели“, рече Љутков.
Министерот се заблагодари на партнерите од УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа, истакнувајќи дека нивната поддршка е признание за потенцијалот на регионот и важен поттик за понатамошна интеграција на заедничките културни политики.
Дводневната конференција во Охрид е во организација на Министерството за култура и туризам, кое е претседавач на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“. На собирот во Охрид учествуваат министри за култура, заменици-министри и шефови на делегации од: Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија, Грција, Романија, како и голем број експерти.
На конференцијата се обрати и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура на Европа со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, која потенцираше дека Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство, а нејзината културна разновидност ги одразува вековите креативност и издржливост, како и живиот идентитет на нејзините народи.
„УНЕСКО останува цврст партнер на Комокосе и е целосно посветен на поддршка на неговата мисија за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и помирувањето. Особено ја поздравуваме улогата на Република Северна Македонија во заштитата и промоцијата на културното наследство преку националните развојни политики“, рече Ландри.
На конференцијата, со акламација беше усвоена „Охридска декларација 2025“, документ кој ја потврдува заедничката посветеност на земјите од Југоисточна Европа за зајакнување на регионалната културна соработка, одржливиот развој и заштитата на културното наследство.
Следната, 2026 година со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, ќе претседава Република Молдавија.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.

