Свет
Отава побара од Пекинг помилување за канадскиот државјанин осуден на смрт
Канадскиот министер за надворешни работи, Кристија Фриленд, во вторникот информираше дека Отава официјално побарала од Пекинг да го поштеди животот на нејзиниот државјанин Роберт Лојд Шеленберг, кој во понеделникот беше осуден на смрт откако поднесе жалба за 15-годишната затворска казна на која беше осуден во 2016 година.
Канада ја обвини Кина за произволна примена на смртната казна, пренесува „Спутник“.
„Веќе разговаравме со кинескиот амбасадор во Канада и побаравме помилување”, изјави Фриленд и ги повика Канаѓаните што патуваат во Кина да размислат за ризиците.
Шеленберг беше уапсен во Кина во 2014 или 2015 година – медиумите објавуваат различни датуми. Тој беше обвинет за вмешаност во меѓународно организиран синдикат за дрога, што тој цврсто го негира.
Кинеските власти првично го осудија Шеленберг на 15 години затвор, но на крајот од декември лани, Апелацискиот суд нареди повторување на судењето, тврдејќи дека првичната казна е премногу блага. Шеленберг сега има 10 дена да ја обжали смртната казна на која беше осуден во понеделникот.
Кина и Канада се во дипломатски спор откако финансиската директорка на „Хуавеј“, Менг Ванжу, ќерка на основачот на компанијата, беше уапсена на 1 декември во Канада под сомнение дека не ги почитува санкциите на САД против Иран.
Само неколку дена по апсењето на Менг, кинеските власти ги уапсија поранешниот канадски дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спар под обвинение дека претставуваат закана за безбедноста на земјата. Пекинг негираше дека нивното притворање има врска со случајот на Менг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралицата Елизабета немала убаво мислење за Трамп поради негов коментар за принцезата Маргарет, пишува „Дејли мејл“
Кралицата Елизабета наводно го сметала Доналд Трамп за непристоен. Извор вклучен во организирањето на неговата посета на Обединетото Кралство во 2018 година со сопругата Меланија, изјави за „Дејли мејл“ дека реакцијата на кралицата била поврзана со коментарите што Трамп ги имал за сестрата на Елизабета, принцезата Маргарет.
Таа почина во 2002 година на 71-годишна возраст.
Трамп, наводно, и’ рекол на кралицата Елизабета дека „Маргарет мора да била карактерно тешка сестра“, што ја налутило кралицата и таа го сметала за навредлив неговиот коментар. Таа секогаш ја бранеше Маргарет.
Не е јасно зошто Трамп ја споменал, но во серијата на Нетфликс „Круната“, Маргарет беше прикажана како бунтовничка, нестабилна и огорчена за нејзиниот однос со кралицата Елизабета.
Британскиот таблоид пишува дека покојната кралица му рекла на еден гостин дека „особено не и се допаѓало како Трамп гледал преку нејзиното рамо, како да барал некој поинтересен“. Трамп вели дека нејзините негативни впечатоци се целосно лажни.
„Слушнав дека сум и бил омилен претседател. Имав одличен однос со кралицата. И’ се допаднав. Таа беше неверојатна жена“, изјави тој за „Дејли Мејл“.
Свет
Зеленски верува дека војната со Русија може да заврши следната година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руската војна против Украина најверојатно ќе заврши во наредната година.
„Кога ќе заврши војната? Кога Русија сака војната да заврши. Кога САД ќе заземат посилна позиција. Кога глобалниот југ ќе застане на страната на Украина и ќе застане до крајот на војната“, рече Зеленски во разговор со претставниците на странските медиуми во Киев на третата меѓународна конференција за безбедност на храна, жито од Украина.
„Тоа нема да биде лесен пат, но убеден сум дека ги имаме сите можности тоа да се случи следната година“, ги пренесе неговите зборови новинската агенција „Укринформ“.
„Отворени сме за предлози од лидерите на африканските, азиските и арапските земји“, продолжи Зеленски.
„Би сакал да ги слушнам и предлозите на новиот американски претседател и мислам дека ќе ги слушнеме во јануари и ќе имаме план да ставиме крај на оваа војна.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во текот на својата предизборна кампања повеќепати даваше до знаење дека сака да ја намали големата американска поддршка за Киев. Откако е избран веќе не вели дека во рок од 24 часа ќе стави крај на војната во Украина, што претходно го потенцираше.
Свет
Орбан го покани Нетанјаху да го посети без да биде уапсен, Борел реагира
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го покани својот израелски колега, Бенјамин Нетанјаху, да го посети, потврдија од кабинетот на Нетанјаху.
Орбан вчера изјави дека го поканил Нетанјаху во Унгарија иако некои членки на ЕУ најавија дека ќе биде уапсен доколку стапне на нивна почва откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за негово апсење поради војната во Газа.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, претходно изјави дека владите на земјите-членки на ЕУ не можат да изберат дали ќе ги извршат налозите за апсење издадени од МКС против Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и водачот на Хамас Ибрахим Ал-Масри за наводни злосторства против човештвото.
Сите земји-членки на ЕУ се потписници на основачкиот акт на МКС, т.н на Римскиот статут. Неколку земји-членки на ЕУ најавија дека ќе ги исполнат своите обврски од статутот доколку има потреба. Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани Нетанјаху да ја посети неговата земја, уверувајќи го дека нема да биде на никаков ризик ако го стори тоа.
„Државите што ја потпишаа Римската конвенција се обврзани да ја спроведат одлуката на судот. Тоа не е опционално“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за време на посетата на Кипар, каде што присуствуваше на работилница на израелски и палестински мировни активисти.
Соединетите Американски Држави ја отфрлија одлуката на МКС, а Израел потегот на судот го оцени како антисемитски.
„Секогаш кога некој не се согласува со политиката на израелската влада, тој е обвинет за антисемитизам“, рече Борел, чиј мандат истекува овој месец.
„Имам право да ги критикувам одлуките на израелската влада, без разлика дали е тоа Нетанјаху или некој друг, без да бидам обвинет за антисемитизам. Тоа не е прифатливо. Доста е“, посочи.