Македонија
Во Битола температурата се спушти на – 18 степени

Во Битола температурата се спушти на – 18 степени. Според УХМР ниски температури се регистирирани и во Прилеп и Лазарополе – 12, -11 во Берово, -10 Скопје-Петровец, Тетово, Охрид, Струмица, Дебар, -9 Претор, Крушево, -8 Крива Паланка, -7 Демир Капија, Ѓуриште, -6 Скопје-З.Рид, Виница, Пожаране и -5 Штип.
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од -1 до 8 степени. Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.
И утре ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Во петок и за време на викендот ќе има зголемена облачност со локални слаби врнежи од дожд на пониските и снег на повисоките места и планините, претежно во западните делови. По одделни котлини ќе има појава на магла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски разговараше со бугарскиот колега: Македонија останува посветена на европскиот пат

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари телефонски разговор со својот бугарски колега, министерот за надворешни работи, Георг Георгиев.
Министерот Георгиев го информираше министерот Муцунски за одлуката донесена од страна на бугарското Собрание, која се однесува на напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување во Европската унија.
Во разговорот, министерот Муцунски ги повтори принципиелните позиции на нашата земја поврзани со процесот на евроинтеграција. Притоа, ја нагласи подготвеноста на државата за натамошно унапредување на соработката со Бугарија во насока на градење поголема меѓусебна доверба, во интерес на граѓаните.
„За таа цел, подготвени сме да продолжиме со активен придонес во градењето доверба заснована на принципиелност и заемно почитување“, рекол Музунски, информира МНР.
„Како соседи и НАТО-сојузници, двете земји имаат заедничка обврска, ориентирани кон иднината, да продолжат да развиваат односи засновани на европски принципи“, рекол тој.
Во таа насока, министерот Муцунски уште еднаш ја потенцираше нашата посветеност на европскиот пат, кој не треба да биде обременет со билатерални прашања.
„Владата посветено работи на реформската агенда и на исполнување на Копенхашките критериуми, кои треба да бидат единствен услов за членство на земјата во Европската унија“, рекол Муцунски.
Македонија
Герасимовски: Исцрпени средствата за велосипеди, повикот за дополнителна опрема сѐ уште е во тек

Општина Центар информира дека се исцрпени средствата за субвенционирање на велосипеди, електрични велосипеди и е-тротинети во рамки на јавниот повик „Цел Центар на точак“.
„Проектот „Цел Центар на точак“ е потврда дека центарци се подготвени да направат вистински избор за поеколошки и поодржлив начин на движење низ градот. И овојпат интересот беше толку голем што за кратко време се искористија средствата. Ова е доказ дека сме на вистинскиот пат,“ порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Од вкупно предвидените 600.000 денари, субвенционирани се 197 жители на Општина Центар, додека јавниот повик за субвенционирање на дополнителна опрема останува активен.
Овој долгогодишен и популарен проект предвидува субвенции за купување велосипед, електричен велосипед или е-тротинет, во износ од 30% од цената, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенции за набавка на дополнителна опрема,, во износ од 30% од цената, но не повеќе од 1.000 денари, велат од општината.
Под дополнителна опрема се подразбираат: детско седиште, заштитна кацига, светло, катадиоптри, ѕвонче, безбедносна сајла, катанец и други елементи што го зголемуваат нивото на безбедност при користење.
Македонија
Македонската дипломатија нема да биде ничија партиска сопственост, одговори МНР по прозивките од СДСМ

Македонската дипломатија не е, и нема да биде ничија партиска сопственост. По години на политичка злоупотреба, ја враќаме дипломатијата на државата, институционално, професионално и во согласност со законот, реагираат од МНР по прозивките од страна на СДСМ кои на прес -конференција кажаа дека Муцунски и ВМРО-ДПММЕ ја узурпираат дипломатијата.
„Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи е легитимна, уставно заснована постапка, донесена од Собранието – единствениот орган со надлежност за толкување на законите. Министерството нема ниту овластување, ниту влијание врз овој процес.
Членот на Комисијата за надворешни работи од СДСМ, Фатон Бејта, го упатуваме на предметот Уставно право на кој било правен факултет во државата, каде што ќе може да се потсети дека државата се темели врз начелото на поделба на власта – законодавна, извршна и судска.
Целта на ова толкување е да се воведе дополнителен демократски филтер и јавна отчетност при изборот на амбасадори – не да се одземе уставната надлежност на Претседателот, туку да се зајакне транспарентноста пред граѓаните.
Собраниската процедура, спроведена пред Комисијата за надворешни работи составена од пратеници од сите политички партии, е доказ за инклузивност и независност на процесот.
Наместо да одржуваат безпредметни прес-конференции, СДСМ треба да одговори зошто нивните амбасадори со години беа апатични, невидливи или отворено политизирани, а именувањето на дел од нив беше спроведено спротивно на Законот за надворешни работи“.
Нашата цел не е партизација, велат од МНР, туку системска професионализација.
„За првпат по долг период се воспоставуваат јасни критериуми, јавни постапки и механизми за унапредување на кариерните дипломати. Најсилна потврда за ова се измените на Законот за надворешни работи, кои неодамна беа усвоени во Собранието, а чија главна цел е токму професионализацијата на дипломатијата.
Амбасадорите што чесно и професионално ја извршувале својата функција немаат од што да се грижат. Но оние што амбасадите ги третираа како партиски трофеи, нивниот мандат завршува“.
Оваа влада, се нагласува во реакцијата од МНР, гради модерна, отчетна и компетентна дипломатија, со амбасадори што ја претставуваат државата, а не партијата.