Македонија
Алијанса за Албанците: Бегството на Никола Војминовски покажува дека затворите се изградени само за Албанците
Неодамнешното бегство на Никола Војминовски и амнестијата на другите осуденици за 27 април покажува дека затворите се изградени само за Албанците, и осудените Македонци или треба да избегаат или да се амнестираат бидејќи таква била постојаната традиција на правосудниот систем во Македонија, секогаш со два стандарда, еден за Македонците и друг за Албанците, реагираат од Алијансата за Албанците во врска со информациите дека Војминовски, кој е осуден за обидот за убиство на Зијадин Села, избегал.
„Дека Македонија станува земја на чуда и дека тука има сé освен правда и владеење на правна држава, говори и бегањето на едниот од напаѓачите на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, осуден на 13 години затвор за убиство во обид, Никола Војминовски, кој иако осуден за тешко кривично дело му се дозволи да остане во домашен притвор, наводно поради здравствени причини, каде што државните институции и МВР потклекнуваат пред криминалците и корумпираните“, велат од Алијансата за Абланците.
Овие бегства, велат од таму, координирани и поддржани од страна на власта СДСМ-ДУИ со помош на МВР и политизираните судови, по Законот за амнестија и бегството на Груевски, ја убиваат и последната надеж во Македонија дека некогаш ќе може да се врати правдата и дека криминалот во Македонија не се санкционира, туку честопати се охрабрувана, па дури и се наградува.
„Оваа власт која дозволува бегство на криминалец осуден на 13 години затвор за убиство во обид не може да ја заштити слободата на никого бидејќи криминалот и корупцијата длабоко метастазирале во политичкиот менталитет на сите влади, па и на сегашната“, велат од партијата.
Од таму упатуваат апел до Владата, Министерство за внатрешни работи, судовите и обвинителството да ја вршат својата работа во согласност со законот, да ги санкционираат сторителите на кривични дела или во спротивно ќе се сметаат како соработници во криминалот и ќе сносат морална и кривична одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ гласаше против Анкетна комисија за Кочани – ново разочарување за семејствата
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласале против формирање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, иницијатива поднесена од пратеничките групи на СДСМ и Левица и поддржана од Европскиот фронт.
Спасовски посочи дека пратениците кои ја поддржале иницијативата направиле сè што можеле, но, како што рече, владеачкото мнозинство не покажало „ниту емпатија, ниту разбирање, ниту елементарно чувство“ за семејствата на загинатите и повредените.
„Очигледно ова е партиска директива“, изјави Спасовски, додавајќи дека повторно се враќа време на „протест и контрапротест, пленум и контрапленум“. Тој оцени дека мнозинството го вреднува само она што произлегува од нивните редови, без еднаков третман на иницијативите од другите претставници.
Според Спасовски, ваквата одлука претставува „уште едно понижување и разочарување“ за семејствата што ја изгубиле најголемата вредност. „Родителите и семејствата чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност“, рече тој.
Тој додаде дека Парламентот пропуштил можност да покаже единство и солидарност.
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.
Македонија
Јаневска: ИКТ индустријата со вложување во образованието, инвестира во кадри што ѝ се потребни
ИТ секторот има огромен потенцијал за раст, но и значајна општествена моќ да придонесе за унапредување на образовниот систем и подготовка на идните генерации. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на панел дискусијата „Кој ќе ја кодира иднината? – Едукација, кадар и потребите на ИКТ индустријата“, што се одржа во рамки на 20-та годишна конференција на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.
Министерката нагласи дека новата Стратегија за образование 2026–2032 става силен фокус на развојот на дигиталните вештини кај младите, при што во периодот што следи очекува засилена поддршка од ИТ индустријата.
„Образованието е заедничка општествена одговорност. ИТ секторот има моќ, може и треба да помогне во неговиот развој“, рече Јаневска.
Таа потсети дека министерството во изминатата година и половина работеше на интегрирање на вештачката интелигенција во образованието. Притоа е подготвено упатство за етичка примена на ВИ алатките за наставници, стручни соработници и ученици, а се организирани и бројни обуки за наставниот кадар.
Укажа дека постои дигитален јаз помеѓу училиштата во различни региони – резултат на нерамномерни вложувања во минатото, што пак влијае децата да имаат и различно ниво на дигитални знаења.
„Нашата цел е тој јаз да го намалиме со оптимизација на училишната мрежа и со нови инвестиции. Со оптимизацијата, учениците од помали подрачни училишта ќе се приклучуваат кон најблиските поголеми или кон централните училишта со подобри услови, во кои има интерактивни табли, современи компјутери, проектори, безбеден интернет и слично. Во 2024 и 2025 година, Министерството веќе ја подобри ИТ инфраструктурата во 100 училишни објекти и овој процес ќе го продолжиме и во 2026та“, рече Јаневска.
И покрај очекуваното зголемување на буџетот за образование и следната година, министерката порача дека секоја дополнителна поддршка од бизнис заедницата е добредојдена, особено кога станува збор за дигитализација на училиштата.
Министерката најави и дека очекува компаниите од ИКТ индустријата, заедно со образовните и научните установи, да се вклучат во формирањето на првиот научно-технолошки парк во државата – место каде што науката и бизнисот ќе создаваат иновации и ќе реализираат проекти од национален интерес.
На панел дискусијата, покрај министерката, учествуваа и деканите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Петре Ламески, и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), проф. д-р Благој Ристевски.

