Македонија
Стразбур ја донесе првата пресуда во корист на девојка од Македонија што го смени полот

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, денеска, првпат се произнесе за случај на македонско трансродово лице и пресуди во негова корист. Судот утврдил дека во случајот „Х против Македонија“ постојната законска рамка во земјата има јазови и сериозни недостатоци што го довеле транслицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. Државата ќе треба да му исплати и 9 илјади евра нематеријална штета за претрпен стрес. Ваквата вест ја објави коалицијата „Маргини“ на „Фејсбук“.
„Коалицијата ‘Маргини’ денес во судот во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот ‘X против Македонија’, во кој судот утврди дека постојната законска рамка има јазови и сериозни недостатоци што го довеле транслицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.
По оваа одлука, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот. Судот на транслицето му додели 9.000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период“, соопшти коалицијата.
Тужителот Х, чиј идентитет е таен, е роден во 1987 година во Македонија како девојче. Но, од најрано детство се доживувала како машко. Во 2010 година ја почнува постапка за менување на полот. Во меѓувреме почнала и со хормонска терапија во Белград за да ја зголеми стапката на тестостерон во организмот. По враќањето во земјава, МВР прифатило да ѝ биде сменето името во личните документи, но ознаката за пол останала „женски“ затоа што процедурата за менување на оваа ознака се прави според друг закон. Поради соочувањето со многубројни пречки при обидот од женско да го смени полот во машко со поддршка на коалицијата „Маргини“, трансродовото лице Х се одлучува да поведе тужба во Стразбур.
Даниела Трпчевска-Зафировска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лимани: Владата останува посветена на елиминирање на сите форми на насилство врз жените

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани воедно и претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, денеска ја отвори конститутивната седница на ова тело.
Тој се заблагодари на присуството на присутните, нагласувајќи го значењето на ова тело чии заложби се насочени кон унапредување на заштитата на жените жртви на насилство и семејното насилство.
Лимани се осврна на досегашните преземени акции на државата со цел подобра подготвеност за превенција, заштита и спречување на насилството врз жените и семејното насилство. Од ратификацијата на Истанбулската конвенција, потоа подготовката на Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023, 2024 год, евалуација на истиот. Потоа, носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, каде се нагласува улогата на Националното координативно тело со конкретни надлежности, подготвување на осумгодишна Национална стратегија, со четири годишни акциски планови и годишни планови.
„Во изминатиот период како Министерство, преземаме низа мерки и активности за подобрување на системот за превенција и заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство преку унапредување на националната легислатива, подзаконски акти, документи, јакнење на капацитетите на стручните лица преку реализирање на обуки, проширување на мрежата на специјализирани услуги за жртвите и организирање на кампањи. Ве уверувам дека Владата на Република Северна Македонија, ги потврдува своите заложби за преземање на сите неопходни мерки за елиминирање на сите форми на насилство,“ рече Лимани.
На седницата беа подетално претставени сите документи и активности кои се донесени и реализирани, како и соработката со меѓународните и граѓанските чинители.
Македонија
Царината заплени дрога, цигари, суплементи, парфеми и алкохол на граничните премини и во внатрешноста на државата

40 штеки цигари, 5 грама марихуана, 2.700 ќесички суплементи, 17 парфеми, 7.500 евра, 600 пакувања со вештачки трепки, 35 литри алкохолни пијалоци и разна друга стока е запленета во текот на изминатите денови, во случаи на откриени прекршочни дела, при што против сторителите е спроведена соодветна постапка, соопшти Царинската управа.
Најголем дел од случаите биле откриени од мобилните тимови кои при контроли извршени на граничните премини и во внатрешноста на државата откриле и спречиле повеќе прекршочни дела.
Според надлежните,40 штеки цигари и 17 парфеми, се откриени на Меѓуградската автобуска станица при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Истанбул-Гостивар, извршена на Меѓуградската автобуска станица Скопје. Непријавените производи биле пронајдени на повеќе места во внатрешноста на автобусот – фиоката над возачот, позади возачкото седиште, во фиоката над предните скали, под и на претпоследните седишта и во просторот за одмор на возачите.
Пет грама опојна дрога марихуана е откриена при контрола на патнички кампер со швајцарски регистарски таблички со кој француски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блаце.
При претрес на возач на автобус на граничниот премин Табановце, откриени се непријавени 9.500 евра. На лицето, македонски државјанин, согласно законските прописи му се вратени две илјади евра, а останатите 7.500 евра се запленети.
Во друг случај на граничниот премин Табановце, мобилен тим при контрола на камион со скенер, откри разна стока која не била пријавена меѓу која и опрема за уредување на домот.
При контрола на минибус на влез во државата на граничниот премин Блаце се откриени дури 2.700 ќесички со суплементи Arabesca Genitals и Arabesca Slim Mix, кои биле скриени на различни места во возилото. Возачот на минибусот, изјавил дека пронајдената стока е пратка која требало да ја достави на лице во Скопје.
Вкупно 600 пакувања со вештачки трепки, се пронајдени при контрола на патните торби на италијанска државјанка кој допатувала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Рим.
При контрола на стока со потекло од Турција наменета за фирма од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4 се запленети 120 пара чорапи со ознаки на заштитена трговска марка поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во други случаи царински службеници на граничните премини Дојран и Табановце, открија прекршочни дела при што запленети се употребувана пумпа, 35 литри алкохолни пијалоци, 117 парчиња облека, како и разна друга стока.
Македонија
Утре наутро протест и блокада на мостот „Близнаци“ против депонијата „Вардариште“

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ најави дека в петок, 26 септември, освен закажаниот протест во 18 часот, ќе се одржи и утрински протест со почеток во 7.30 часот. Протестот ќе биде со блокада на мостот „Близнаци“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.
Од иницијативата ги повикаа работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените, кои евентуално ќе задоцнат на работа, а возачите – на трпение.
Организаторите објаснија дека на овој чекор се одлучиле поради истекување на рокот од пет дена што го дадоа за да се почне со исполнување на итните барања, меѓу кои се: воспоставување 24-часовен видеонадзор и физичко обезбедување на „Вардариште“, итно иселување и згрижување на лицата што живеат таму, поставување ограда околу депонијата, почнување процес за конечно затворање, откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите, како и ригорозни мерки против сите што ќе продолжат да фрлаат отпад.
Барањата беа доставени до државниот врв, Владата, надлежните министерства, Град Скопје и до општините Аеродром и Гази Баба, но од иницијативата велат дека досега не добиле никаков одговор.
„Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат бидејќи чистиот воздух е приоритет за сите нас“, порачаа од иницијативата.