Македонија
Одредбите од Законот за плати на судиите ќе се најдат пред Уставен суд

Здружението на судиите на последната седница задолжило работна група да изготви иницијатива до Уставниот суд на РМ за одредби од Законот за плати на судиите, како и да подготви предлог-законски измени на Законот за плати на судиите. Според информациите на „Макфакс“, иницијативата е за замрзнување на коефициентот за пресметување на платите. Работната група треба да предложи и законски измени за платите на судиите.
Моментно, судиите подготвуваат тужби за неисплатените додатоци, а поднесени биле и првите опомени. Здружението предлага измени на Законот за плати на судиите, кои се однесуваат на основицата за пресметување на платата на судиите. „Макфакс“ дознава дека веќе била донесена првостепена одлука на суд во Тетово во корист на судијата, а постапката е пред Апелациониот суд во Гостивар.
Работната група на Здружението заклучила и дека во согласност со законот и другите подзаконски акти, Судско-буџетскиот совет бил должен да врши исплата на додатоците на плата и за преостанатите месеци од кога стапија во сила актите. Судиите своите права за заостанатите месеци може да ги остварат преку поднесување тужби.
Судскиот-буџетски совет, чиј претседател е првиот човек на Судскиот совет, Зоран Караџовски, објасни дека исплатата на додатоците зависи од кондицијата на судскиот буџет и парите што државата ги издвојува за исплата на овие додатоци и на судиите и на судската администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, известувач и портпарол за етика и спречување корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.