Македонија
Мицкоски: За жал, Кекеновски пред ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до Уставен суд за Законот за јазици

За жал, ете се случи да предвреме господинот Кекеновски да поднесе практично претставка во Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот за јазиците, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не е против примената на јазиците на етничките заедници во Република Македонија, но тоа мора да биде направено согласно Уставот.
„Во целокупната процедура има многу недостатоци. Има многу дивјаштво, многу насилство, и сето она кое што се случуваше навистина не прилега на една демократска земја која што се стреми, планира да биде утре дел од европското семејство. Она што ние како политичка партија го кажавме ние тоа и го реализиравме во текот на вчерашниот ден. Поднесовме кривични пријави против луѓето кои што се соучесници во ова злодело и насилство врз основа на Уставот и законите, и парламентарните процедури. За жал, ете се случи да предвреме господинот Кекеновски да поднесе практично претставка во Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот за јазиците. Доколку се суди согласно правото во оваа држава овој закон треба да биде отстранет“, одговори Мицкоски на новинарско прашање дали иако вчера ВМРО-ДПМНЕ не успеа да ја поднесе претставката до Уставен суд за Законот за јазиците сепак останува поддршката на партијата за иницијативата?
Мицкоски рече дека СДСМ и ДУИ играат на ниски страсти пред претседателските избори, со тргување со гласовите на втората најголема етничка заедница во Република Македонија.
„И ние како политичка партија апелираме дека ова не може да се толерира и во име на тоа ги повикуваме и Уставните судии, Обвинителството и судството да постапат според законите и Уставот во оваа држава. А, они знаат ако постапат според законите и Уставот како треба да донесат одлука. Да се воздржат од било какви политички притисоци од политичките елити во државата и да им оставиме на луѓето да си донесат одлука онаква како што треба да е донесе согласно правото, Уставот и законите“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.