Регион
Посетата на Меркел на регионот значи поддршка за земјите од западен Балкан
Германската канцеларка Ангела Меркел во средата во Белград порачала дека кога се работи за дијалогот меѓу Србија и Косово, Германија е подготвена подготвеноста на српската страна за компромис да ја вреднува преку отворање на пристапните поглавја од преговорите со ЕУ.
По средбата со српскиот премиер Александар Вучиќ, Меркел изјавила дека подготвеноста на Србија за компромис, кога се работи за дијалогот со Приштина, во претходните години не била секогаш изразена, пренесува Танјуг.
„Можете да сметате на поддршка од Берлин. Гледаме дека моментално постои голема подготвеност и компромис од српската страна. Тоа ќе го истакнеме за време на дискусиите внатре во Европската унија. Тоа не било секогаш случај во претходните години, но сега состојбата е таква и ние тоа позитивно ќе го оцениме“, рекла Меркел и порачала дека само прашање на време е кога ќе се случи тоа.
Во рамките на својата балканска турнеја, за време на која германската канцеларка досега ги посети Тирана и Белград, а во четврток ќе престојува во Сараево, таа порачала дека Германија им дава голема поддршка на земјите од регионот во европскиот пат.
Меркел позитивно ги оценила и реформите кои Србија ги направила и порачала дека тие даваат вистински резултат, а проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) водат во таа насока.
„Луѓето мораат да го стегнат каишот, но тие мерки ги даваат и првите резултат, а во тој правец одат и проценките на ММФ“, рекла Меркел и додала дека српската економија работи на добра основа.
Српскиот премиер Вучиќ пак, изјавил дека Меркел е секогаш еден од најзначајните гости, и дека посебно сака да и се заблагодари за нејзиниот придонес во политиката на мирот и добрите односи на Балканот.
„Ние од Германија не бараме милост, туку помош и знаеше за да бидеме вредни, а во економијата да бидеме уште поуспешни“, ркеол Вучиќ, додавајќи дека посетата на Меркел е голема чест и голем и важен ден за Србија.
„Сакам да и се заблагодарам на госпоѓата Меркел, која на некој начин беше столб на стабилност за сите нас и поради тоа што кога имавме проблеми најде начин за да ни помогне. И не ми е срам да го кажам тоа, па и денес Германија води грижа за Србија и ние поради тоа сме благодарни“, рекол Вучиќ.
Меркел и Вучиќ исто така разговарале и околу тоа дека Србија е одлучна за да го продолжи својот пат во европските интеграции и дека на тој пат очекува голема поддршка.
Меркел исто така оценила дека Србија се наоѓа пред голем предизвик поради проблемите со мигрантите и дека во ЕУ се водат дискусии околу ова, но и за тоа дека поради бранот на бегалци не треба да се градат ѕидови, алудирајќи на одлуката на Унгарија да изгради ѕид на границата со Србија.
„Мометалниот режим кој го имаме во Европа веќе не функционира“, рекла Меркел, наведувајќи дека најголем број од мигрантите пристигнуваат во Србија преку Грција од Сирија, и дека Србија станала транзитна земја.
„И во ЕУ се водат дискусии околу ова, никого нема да оставиме сам“, додала германската канцеларка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

