Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за јазици

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за двојазичност. Според партијата, Законот е донесен на насилнички начин од страна на власта, со газење на Уставот, законите и процедурите за донесување и објавување на законите.
„Указот за прогласување на Законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, што е во целосна спротивност на член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од претседателот на Република Македонија.На указот на Законот за двојазичност стои единствено потписот на Талат Џафери, кој се потпишал во име на претседателот на држава – иако на претседателот на државата ниту му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, што е уште една незаконитост спротивна на член 82 од Уставот. Тоа значи дека во конкретниов случај не е исполнет ниту еден од условите указот да биде потпишан од Џафери во име на претседателот на државата“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека Законот за двојазичност е во целосна спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој вели дека „На целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.“
„Со Законот за двојазичност – македонскиот јазик се изедначува со секој друг јазик што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и со тоа македонскиот јазик од кохезивен фактор во општеството се претвора во еден од двата службени јазици, што е незаконски и противуставно. Дополнително власта врши прекршување и при носењето на законот бидејќи Законот за двојазичност е закон кој уредува и прашања за употреба на јазикот во судските постапки и органите на државната управа и општините, кои според член 98 и Член 119 од Уставот се носат со двотретинско мнозинство“, рече Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот.
„Апелираме до Уставниот суд да одлучува со најголема итност, почитувајќи ги Уставот и воспоставените практики од минатото и да донесе одлука со која ќе се укине Законот за двојазичност“, рече Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делегација на АРМ во посета на сојузната држава Вермонт, САД

Делегација предводена од началникот на Генералштабот Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, придружуван од државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова од денес ќе престојува во повеќедневна oфицијална посета на сојузната држава Вермонт, Соединетите Американски Држави.
За време на посетата која се реализира во рамки на Програмата за партнерство на САД се предвидени повеќе средби со високи претставници од Националната гарда, воениот универзитет Норвич и државата Вермонт. Делегацијата ќе се сретне и со гувернерот на државата Вермонт, Фил Скот.
Главна цел на посетата е унапредување на стратешката одбранбена соработка, размена на искуства и планирање на заеднички обуки и активности
Оваа активност претставува уште еден чекор во зајакнувањето на одбранбените капацитети и интероперативноста меѓу Армијата на Република Северна Македонија и вооружените сили на САД, во духот на сојузништвото во НАТО, соопшти АРМ.
Македонија
Споменик на Андон Лазов Јанев – Ќосето поставен на кружниот тек во Автокоманда

Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој беше отстранет од пред комплексот судови, е поставен на кружниот тек во Автокоманда.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Споменикот претходно беше поставен пред комплексот судови, а беше отстранет од претходникот на Арсовска, Петре Шилегов.
Арсовска во 2023 година информира дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен-обележјето на македонскиот револуционер Ќосето, на нова локација, кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица.
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. По доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба, односно нема решение за негово поставување.
Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации.
Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.
Македонија
Во изминатото деноноќие имало 51 пожар во Македонија, денеска се активни осум

Во текот на изминатото деноноќие, 27/28.07, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 51 пожар, од кои осум се активни, седум се под контрола, а 36 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ ПОЖАРИ: 8
1. Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација).
2. Општина Прилеп – с. Бешиште, м.в. Бешишки Рид, крак кон с. Градешница (опш. Новаци) и крак кон граница со Р. Грција (мешана шума).
3. Прилеп и Кавадарци – помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен (опш. Прилеп), и Галиште, Трстеник (опш. Кавадарци) (мешана шума и нискостеблеста вегетација).
4. Општина Македонски Брод – помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација).
5. Општина Желино – помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума).
6. Општина Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума).
7. Општина Кичево – с. Горно Црско (ниска вегетација и ниска шума).
8. Општина Македонска Каменица – с. Ќосевица (борова шума).
ПОЖАРИ ПОД КОНТРОЛА: 7
1. Старо Нагоричане и Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Орах и Руѓинце, со ширење кон с. Димонце и Коњух (опш. Кратово) (ниска вегетација).
2. Општина Петровец – с. Средно и Долно Коњаре (мешана шума).
3. Општина Петровец – Катланово (ниска вегетација).
4. Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева).
5. Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума).
6. Општина Штип – помеѓу селата Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).
7. Општина Карбинци – с. Јунузлија (шума).
ИЗГАСНАТИ ПОЖАРИ: 36
1. Шуто Оризари – ул. Нов Живот (ѓубриште)
2. Арачиново – с. Орланци
3. Сарај – с. Глумово
4. Зелениково – с. Гумалево
5. Битола – с. Велушина
6. Битола – с. Меџитлија
7. Битола – ул. Игњат Атанасовски
8. Битола – с. Српци
9. Прилеп – м.в. Млекара Софија (2 интервенции)
10. Прилеп – с. Мало Коњари
11. Долнени – с. Сивје
12. Долнени – с. Долнени
13. Долнени – с. Секирци
14. Кривогаштани – с. Крушеани
15. Струмица – с. Баница и нас. Софилари
16. Струмица – с. Колешино (Колешнски водопади)
17. Василево – с. Сушево кон Добрашинци
18. Гевгелија – с. Моин – с. Ново Коњско
19. Охрид – с. Вапила
20. Струга – с. Ново Село и с. Делогожда
21. Кичево – кај РЕК Осломеј
22. Македонски Брод – с. Требовље
23. Велес – влив на река Бабуна
24. Свети Николе – с. Преод
25. Свети Николе – с. Долно Ѓуѓанци
26. Свети Николе – с. Стањевци
27. Пробиштип – с. Гајранци
28. Куманово – с. Тромеѓа
29. Куманово – ул. Октомвриска револуција
30. Липково – с. Отља
31. Брвеница – с. Радиовце
32. Боговиње – с. Камењане кон с. Јеловјане
33. Гостивар – с. Чајле
34. Гостивар – с. Чегране
35. Гостивар – нас. Циглана
36. Врапчиште – с. Градец