Македонија
(Видео) Заев – Ерјавец: Двете земји остануваат посветени на проширување и продлабочување на билатералните односи

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, оствари средба со делегацијата на Министерството за одбрана на Република Словенија, предводена од министерот Карл Ерјавец.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, националниот координатор за НАТО на нашата земја Стево Пендаровски, како и други членови на Кабинетот на претседателот на Владата. Заев изрази големо задоволство што Амбасадата на Република Словенија е именувана од страна на НАТО за точка за контакт во претстојниот финален процес на зачленувањето на Република Македонија во алијансата, во периодот кога земјите членки на НАТО ќе ја почнат постапката за ратификација на протоколот за пристапување на нашата земја во сојузот.
„Ова е особено радосна вест за нашата земја бидејќи покрај нас, во фазата кога земјите членки на НАТО ќе пристапат кон потпишување на протоколот на пристапување на Република Македонија во алијансата, покрај нас ќе имаме докажан пријател и партнер. Република Македонија и Република Словенија имаат традиционално одлични односи, со постојана заемна поддршка и соработка. Словенија таа своја определба ја докажа и со поддршката за нашата земја, за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО, и за време на целиот тој процес ни ја даваше и ни дава безрезервна поддршка“, истакна за време на средбата претседателот на Владата на Република Македонија.
Тој го запозна словенечкиот министер за одбрана, Ерјавец, како и другите членови на неговата делегација, за актуелната ситуација со спроведувањето на договорот од Преспа во Република Македонија и во Грција и нагласи дека очекува успешна завршница во грчкиот парламент, по што ќе следува постапката за прием на нашата земја во НАТО, како и создавање поволен амбиент за потврдување на договорениот старт на преговорите со ЕУ со отворање на првите поглавја во јули оваа година.
Премиерот Заев и министерот за одбрана на Словенија, Карл Ерјавец, се согласија дека двете земји остануваат посветени на проширување и продлабочување на билатералните односи кои бележат постојан раст и дека односите ќе добијат дополнителен поттик со членството на Република Македонија во НАТО што ќе произлезе и од консолидирањето и интензивирањето на политичките реформи, како основа и за економскиот раст на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес се навршуваат 24 години од загинувањето на бранителите кои нагазнаа на мина кај Љуботенски бачила

На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Македонија
Летните одмори направија редици на Табановце

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Внимавајте на сонце, денес многу топло со температури до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне и 40 степени.