Македонија
Владата од утре ќе ги укине препораките за граѓаните поради загадениот воздух

Присуството на штетните ПМ10 честички вчера бил под прагот од 188 микрограми на метар кубен во Скопје, Битола, Гостивар и Тетово и поради тоа Владата од утре ќе ги укине мерките и препораките кои важат во услови на екстремно загадување на воздухот. Засега нема информација дали се укинува и бесплатниот автобуски превоз и дали распустот на учениците ќе биде продолжен. Во Струмица, мерките и препораките остануваат на сила.
„На ден 21 јануари среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 микрограми на метар кубен, и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Миладиновци, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар и Тетово. Исто така, Ве информираме дека прагот за алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е надминат на мерното место Струмица и таму остнауваат на сила препораките и мерките“, соопштија од Владата.
Среднодневната концентрација на ПМ10 честичките на метар кубен во Струмица на 20 јануари била 376, а на 21 јануари – 199. Според СЗО, пак, дозволената дневна концентрација на штетните ПМ10 честички е 50 микрограми на метар кубен.
Од утре се укинуваат следните препораки и мерки: работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, потоа препораката за ограничување на работите на градежните објекти и препораката до Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила.
Се укинуваат и препораката сите работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот и препораката да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Исто така се укинува и препораката до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Украл накит, часовници, компјутери, пари и други предмети во вредност од 296.000 денари од куќа во Скопје, побаран притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека извршило кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 23-годишник, на 02.01.2024 година, провалил во куќа на улицата „Востаничка“ во Скопје, така што со помош на пластична маса се качил на балконот од првиот кат на куќата и насилно го отворил прозорецот. Потоа пребарувал низ собите и одзел накит, шест рачни часовници, два лаптоп компјутери, други вредни предмети и парични средства во износ од 1000 евра. Вкупната вредност на одземените предмети е проценета на 296.000 денари.
Потоа преку споредна врата ја напуштил куќата и повеќе од една година не бил достапен за полицијата. Имајќи предвид дека токму оваа околност укажува на ризикот осомничениот повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, како и фактот дека против него се поднесени пријави и за други дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Минчев потпиша меморандум во Црна Гора: Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции

Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, денес во Подгорица потпиша Меморандум за соработка со неговиот црногорски колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај.
Преку овој меморандум, двете земји ја формализираат меѓусебната соработка во клучни области како дигитализација на јавните услуги, управување со човечки ресурси, добро управување, транспарентност и професионализација на јавната администрација.
„Овој документ не е само формалност – тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и за ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора“, изјави Минчев.
Меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од Европската Унија и меѓународни партнери.
Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции, соопштуваат од Министерството.
„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот.“ – додаде тој.
Министерот упати благодарност до црногорските домаќини за нивното партнерство и за споделената визија за модерна, резултат-ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.
„Од Подгорица испраќаме заедничка порака: јавната администрација мора да биде двигател на интеграцијата, не нејзина пречка.
Професионализмот, транспарентноста и ефикасноста – не се луксуз, туку предуслов за стабилност, економски развој и членство во ЕУ.“
Оваа соработка претставува важен чекор кон зацврстување на регионалните врски и заедничко приближување кон европската иднина, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
„Натпревар во што поидиотски ставови, СДС повторно шампион“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС уште еднаш покажа дека не може да излезе од сопствениот балон. Додека Владата работи, додека се намалуваат даноци, се враќа ред во институциите и државата почна да оди напред, СДС се занимава со измислени термини и панични настапиво јавноста“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Навредите за „врховизам“, „изолација“ и „антиевропски вредности“ се обид да се покрие реалноста: нивното време помина, народот ги порази, а денес државата конечно има стабилна и одговорна власт.
Факт е дека на меѓународни конференции како CPAC се среќаваат лидери кои се избрани од својот народ и го бранат националниот интерес. Тоа СДС не го разбира, бидејќи нивниот пристап беше сервилен, поразувачки и штетен.
Македонија нема да се врати назад. Колку и да се обидуваат СДС да ја извалкаат со излитени флоскули, народот гледа разлика меѓу збор и резултат. А нивниот збор не вреди ништо“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.