Македонија
На 12 март одново ќе почне судењето за набавката на 300 полициски „шкоди“
На 12 март, во 10 часот, во кривичниот суд во Скопје одново ќе почне судењето за предметот „Триста“ на СЈО, во кој е обвинет експомошникот-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност за јавната набавка на 300 возила (шкоди) за потребите на МВР.
Апелацискиот суд во Скопје ѝ ја укина пресудата на судијката Добрила Кацарска, која првично го осуди Поповски на казна затвор во времетраење од 9 години. По одлуката на второстепениот суд, Поповски беше префрлен од затворот „Идризово“ во истражниот затвор „Скопје“ бидејќи му беше определен притвор.
Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра. Тој изјави дека не е виновен за делото што му става на товар. Во завршните зборови Поповски кажа и дека се соочувал со силни притисоци и закани додека траела судската постапка, но не именува од кого и дека случајот сериозно влијаел врз неговото здравје.
Поповски е правосилно осуден на 4 години и шест месеци казна затвор за набавката на „мерцедесот“ во случајот „Тенк“ на СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

