Македонија
Обвинителството нема да ги гони социјалните работници за силуваното девојче од ,,25 Мај”

Обвинителството ги отфрли кривичните пријави против 11 вработени во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје, за случајот со девојчето од домот ,,25 Мај” кој беше обелоденет во февруари минатата година. 12-годишното девојче повеќе од два месеца било надовор од домот, каде било сексуално експлоатирано, а му бил договорен и присилен брак. Случајот го обелодени Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) кој информораше дека девојчето морало да абортира, бидејќи забременило по сексуалното малтретирање на кое било изложено како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 Мај“ во Скопје.
Една година потоа, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против 11 службени лица вработени во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје за кривично дело – несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик и за кривично дело – запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.Пријавата беше поднесена против три лица во својство на одговорни лица – вршители на должноста директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје, како и против осум лица дел од стручниот тим на Центарот, кои биле одговорни за дете без родителска грижа, но притоа грубо ја запоставиле должноста за грижа и воспитување на детето што довело до тешки последици по нејзиното здравје.
,,Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител ја прибави целокупната документација од Министерството за труд и социјална политика и од ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје. Притоа, беше утврдено дека од страна на Министерството за труд и социјална политика на 20.02.2018 година бил извршен вонреден инспекциски надзор во установата и биле констатирани одредени пропусти и неправилности во работата на стручните работници кои постапувале во предметот. Имено, Комисијата констатирала дека тие сториле прекршок од член 254 став 1 алинеја 8 од Законот за социјална заштита поради неводење или неуредно водење на евиденцијата заради што против 17 стручни работници биле поднесени иницијативи за покренување дисциплинска постапка. Истовремено, Комисијата утврдила дека секое напуштање на установата од страна на детето било пријавувано во Министерството за внатрешни работи, а при секое враќање стручните лица советодавно работеле со детето со цел да се надминат проблемите со самоволните напуштања на установата.
По проучување на наводите во поднесената кривична пријава, надлежниот јавен обвинител оцени дека пријавените дела не се кривични дела кои се гонат по службена должност, односно дека во дејствијата на пријавените не се содржани законските обележја на кривичните дела Несовесно работење во службата и Запуштање и малтретирање на дете. Пријавените со своето постапување не презеле какви било противправни дејствија со кои би се исполнило законското битие на наведените кривични дела. Пријавените постапиле спротивно на членот 113 став 1 од Законот за социјална заштита во поглед на водењето евиденција на корисниците на правата од социјална заштита, но тоа не претставува кривично дело, туку станува збор за противправно дело – прекршок за кој е пропишана глоба согласно член 264 став 1 алинеја 8 од Законот за социјална заштита”, се наведува во соопштението.
Во врска со истиот предмет, Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше и по кривична пријава против три службени лица поднесена од родителите на детето. Пријавата се однесуваше на злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 и несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
,,Надлежен јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност. Истовремено, во текот на постапката се утврди дека една од пријавените никогаш не била поставена за старател на детето”, велат од обвинителството.
Во врска со случајот со штитеничката во февруари минатата година беше оформен предмет и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во јули беше поднесен обвинителен акт против три лица за сторено кривично дело – трговија со дете предвидено и казниво по член 418 – г од Кривичниот законик. Предметот има и судска завршница – едно лице е осудено на казна затвор во траење од 13 години, а на другите две лица е изречена казна затвор во траење од по 12 години.
13 години затвор за трговија со дете доби Мајмире Дестанова која ја продавала по градови, во кафани и на таксисти и се заканувала и ја тепала 12 годишната штитеничка на домот. По 12 години затвор, што е минимална казна за трговија со дете, добија Ерол Јашаров и Сезар Раимов кои сексуално го злоставувале и малтретирале девојчето.
Незадоволен од висината на изречените казни, надлежниот обвинител вложи жалба до Апелациониот суд – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шест лица завршија во болница по труење со храна на семинар во Куманово, развиле температура до 41 степен, повраќање и дијареа

Шест лица завршија со симптоми на труење по семинар одржан на 11 септември во ресторан во Куманово, соопшти Центарот за јавно здравје – Куманово.
Од вкупно 36 учесници на обуката организирана од фирма, некои од нив почувствувале повраќање, дијареја, висока температура и до 41 степен, како и стомачни болки, по што двајца биле хоспитализирани, тројца примиле терапија во дневна болница, а едно лице се лекува во домашни услови.
По пријавите, извршен е инспекциски надзор, земени се мостри храна и брисеви за анализа. Одлучено е објектот да остане затворен сè до добивање негативни резултати.
Од ЦЈЗ порачуваат дека состојбата внимателно се следи и дека се преземени сите противепидемиски мерки.
Македонија
(Видео) Македонија ќе стане лидер по инфраструктурата во регионот, вели Андоновска

Според Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија со оваа партија, започна инфраструктурно да се развива, модернизира и трансформира.
Како што нагласи, инвестициите во патната инфраструктура се врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ, затоа и се грададат нови автопати, експресни патишта, модерни коридори.
„Со ВМРО-ДПМНЕ проектите не се веќе само хартија, тие се градат и реализираат на терен. Разликата меѓу нас и нашите политички противници е очигледна, а доказ за тоа е и пуштањето во употреба на експресниот пат Страцин-Крива Паланка со должина од 25,5 километри, со вредност од околку 100 милиони евра.
Во месец јуни со пуштањето во употреба на делницата Фариш-Дреново се комплетира делницата Градско-Фариш и се доби целина од 26 километри експресен пат во Коридорот 10д, потсети Андоновска.
„По речиси една деценија застој, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пушти во употреба и две делници од автопатот Кичево-Охрид и тоа: Делницата Врбјани-Ботун во должина од околу 20 километри како и делницата од Климештани до Охрид во должина од 17 километри. Така што во рок од 2 месеци пуштивме за сообрајќај во активна употреба нешто повеќе од половина од целиот автопат, а до крајот на наредната година останува да се заврши целиот автопат.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ паралелно работи и на изградба на делницата Тетово–Гостивар-Букојчани во должина од околку 48 километри, како дел од паневропскиот Коридор 8, чијашто цел е патно поврзување на Деве Баир со Ќафасан. Како и на автопатот Прилеп-Битола во должина од 39,3 километри, кој е дел од Коридорот 10д. Изградбата на овие автопати е суштинска бидејќи истите се од витално значење за трговијата, безбедноста, а нивниот брз развој е од огромно значење за иднината на Македонија“.
За реализација на вакви капитални проекти, како што додаде, не е доволна само желба, потребна е истакна таа, визија, ангажираност, професионалност и истрајност.
„Македонија се гради чекор по чекор, делница по делница, проект по проект. Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе стане лидер во инфраструктура во регионот“.
Македонија
Кузеска: Изборниот процес ја блокира исплатата на 400 лица, кои беа ангажирани за гаснење пожари

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција изјави дека околу 400 пожарникари ангажирани преку општините, не добиле плата.
Таа истакна дека овие лица, кои во август беа примени со ветување за месечен надоместок од 24.000 денари, обуки и можност за трајно вработување, до денес, заклучно со 17 септември, сè уште немаат добиено ниту една плата.
Според информациите, исплатата е блокирана поради изборниот процес бидејќи станува збор за вонредно плаќање, што ги остава младите пожарникари без заработка, а граѓаните без целосна заштита во време на пожари и еколошки катастрофи.
Кузеска нагласи дека овој случај ја покажува потребата од системски решенија кои ќе обезбедат сигурност и навремено надоместување за сите ангажирани во противпожарниот систем. Таа порача дека е неопходно институциите и општините веднаш да најдат начин за одблокирање на исплатите и за воспоставување стабилен механизам што нема да дозволи вакви ситуации да се повторуваат. Според неа, граѓаните очекуваат јасни и ефикасни решенија, бидејќи засилен и стабилен противпожарен систем значи поголема безбедност за сите.