Македонија
Заев – Брајовиќ: Црна Гора меѓу првите ќе го потпише протоколот за пристапување на Македонија во НАТО
Претседателот на Владата, Зоран Заев, оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој е во официјална посета на нашата земја. Во придружба на високи претставници на двете земји, премиерот Заев и претседателот на црногорското собрание, Брајовиќ, разговараа за актуелните прашања од интерес за двете земји и за идната соработка и меѓусебна поддршка која меѓу Република Македонија и Република Црна Гора е традиционално на високо ниво.
„Црна Гора, нејзините политички лидери и народот на земјата беа и останаа постојано со нас, со поддршка за процесите на затворање на последните отворени прашања со соседите, што ги отпочнавме заради откочување на евро-атлантските аспирации на нашата земја. Убедени сме дека Црна Гора и понатаму ќе биде наш пријател и сојузник во процесот на пристапување на нашата земја во НАТО и земја партнер од која ќе се инспирираме од нивното искуство од преговорите со ЕУ“, рече премиерот Заев на средбата и додаде дека и двете земји остануваат посветени на продлабочување на билатералните односи пред кои стои широк спектар на можности, особено во делот на економијата.
Претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Иван Брајовиќ, истакна дека неговата земја и народот се радуваат на успесите и напредокот на Република Македонија и нагласи дека собранието што го претставува ќе биде меѓу првите што ќе го потпише протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.
Двајцата соговорници се согласија дека и двете земји остануваат доследни на својата посветеност да ги поддржат позитивните процеси во регионот за да се затворат на задоволство на сите преостанати отворени прашања меѓу одделни соседи на Западен Балкан, и на Европа и на светот да му понудат регион подготвен да биде прифатен во европските и атлантските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

