Македонија
Верските заедници сакаат затворање коцкарници за други да отворат нови
Отстранувањето на коцкарниците од градовите е само фарса зад која се крие обид нови бизнис-групи да ја присвојат дејноста без да плаќаат данок кон државата, велат луѓе што се занимаваат со истиот бизнис, но сакаат да останат аноними. Нивниот став е дека со измената ќе се затворат сегашните објекти, како обложувачници и коцкарници, за да се отворат нови, кои ќе бидат онлајн.
„Онлајн-обложувањето го има и сега, а сопствениците не плаќаат данок кон државата. Со затворањето на нашите објекти коцкањето нема да се искорени, туку ќе се пресели на интернет, а ќе ќарат бизнисмените што немаат никакви давачки кон државата“, вели нашиот извор.
Дислокација на обложувачниците и казината бараат верските заедници и пратеници на ДУИ преку законско решение. Нивното барање е во радиус од 500 метри воздушна линија од училишта, градинки, факултети и други образовно-воспитни установи да нема објекти за игри на среќа. Ако се усвојат измените на законот за дислокација на објектите, обложувачници и коцкарници ќе може да се отвораат само на периферијата од градот, како автопатиштата.
Предлогот на ДУИ го поддржаа Македонската православна црква и Исламската верска заедница. Од МПЦ сметаат дека последицата од лесно добиени пари преку коцкањето било наркоманија и растурање на семејствата. ИВЗ не ја образложи поддршката.
Бизнис-заедницата реагира токму и на поддршката од верските заедници. Јавноста, пак, вели дека станува алармантно тоа што религијата се меша во работи што не се во нејзин домен.
„Религијата и младите се параван, а невини луѓе се користат за да се оствари нечиј бизнис-интерес. Зошто не реагираат на танчарките, кои, наводно, легално работат или, пак, на проституцијата, туку најголема пречка им се казината и обложувачниците?“, прашуваат бизнисмените.
Алармот за дислокација на обложувачниците го кренаа тетовци оти утврдиле дека во градот има 30-ина казина и 140 спортски обложувачници.
Премиерот Зоран Заев по Нова година рече дека ова не може така да остане, но оти одлуката ќе се донесе по сериозна анализа.
Од 1 оваа година се затворија и преселија надвор од градовите сите казина и обложувачници во Албанија оти, според премиерот Еди Рама, така се переле пари од криминалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

