Регион
Ципрас: Посетата на Москва е нова етапа во односите меѓу двете земји
Грчкиот премиер Алексис Ципрас оценил дека неговата посета на Москва ќе овозможи поставување на „нова основа“ во односите меѓу двете земји.
Ципрас во среда во Москва ќе има разговори со рускиот претседател Владимир Путин, премиерот Димитри Медведев, рускиот патријарх Кирил, а ќе одржи и предавање на Московскиот универзитет.
„Посетата е шанса односите навистина да се „рестартираат“, да им се даде нов поттик. Односите меѓу Грција и Русија имаат длабоки корени во историјата, а тие се изградени низ заедничката борба на нашите народи“, изјавил Ципрас во интервју за руската агенција Тас. Според него, во претходните години, односите меѓу двете страни биле замрзнати.
„Не знам дали тоа личи на сибирска зима, но тоа сепак беше зима во односите и сега доаѓа пролет. Должни сме тоа да го поддржиме, за да постигнеме реален развој на нашите односи“, додал грчкиот премиер.
Ципрас оценил дека двете земји се наоѓаат во геополитичка состојба со посебна напнатост, имаат заеднички предизвици и треба да се види како ќе се справат со нив. Грчкиот премиер исто така додал дека сега треба да се види како соработката меѓу Грција и Русија може да биде конструктивна, бидејќи Грција, како членка на ЕУ, може да биде мост кој ќе ги поврзува Западот и Русија.
Ципрас истакнал дека Грција не се согласува со санкциите кои Западот и ги наметна на Русија и смета дека тоа е „пат кој не види никаде“.
„Вие знаете дека на нашите односи во претходните години и беа зададени удари од поранешните власти во мојата земја, кои не го направија тоа што можеа за да ја избегнат оваа бесмислена политика на санкции, во екот на украинската криза“, навел Ципрас, додавајќи дека резултатот на ова била и забраната на извоз од земјоделски производи од Грција во Русија, што сериозно и наштети на грчката економија.
Грчкиот премиер додал и дека победата над фашизмот мора да се слави за да се зачува сеќавањето на хероите и извлечените поуки од тој период. Според Ципрас, 70-годишнината од победата над фашизмот е важен датум, како за Русија, така и за Грција.
„Тоа е наша борба против тоталитарзимот, идеологијата на омразата, расизмот и национализмот. Сега е потребно да се формира заеднички фронт против подемот на фашизмот. Во Грција, која меѓу првите се бореше против нацизмот, за жал во последните неколку години се засилија расистичките сили и една ултрадесничарска партија влезе во грчкиот парламент, каде има солиден број на мандати“, укажал Ципрас./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

