Македонија
Османи: Силна стабилна и ефикасна Европа е заеднички приоритет на Македонија и Франција
Во заедничка организација на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, бирото на францускиот меѓународен експерт и Секретаријатот за европски прашања, денеска се одржа работилница под наслов „Административна и министерска координативна работна група и европски преговори: рецепти за успех“.
На работилницата воведни обраќања имаа заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како и францускиот амбасадор Критијан Тимоние.
„Европските интеграции се движат во вистинска насока, и тоа не е само поради успехот на договорот од Преспа, туку и успесите во остварувањето на историскиот договор за добрососедство со Бугарија, усогласувањето на Законот за употреба на јазиците, како и други тешки политички прашања“, истакна Османи, потенцирајќи ги во истата насока и успешно имплементираните реформи од планот 3-6-9, изразувајќи притоа задоволство и од имплементацијата на реформите од планот 18.
„Француските искуства се од особена важност за Секретаријатот за европски прашања, особено во периодот што ни претстои, затоа што СЕП, како единствено стручно тело, со технички, кадровски и експертски капацитет, ја има улогата да го води севкупниот процес на европските интеграции – од надзор и координација на имплементацијата на реформите, до подготовките за преговори“, истакна Османи, упатувајќи благодарност до амбасадорот Тимоние, кој со своите активности на вистински начин го пренесува напредокот на земјава по сите основи, со што го трасира патот за пријателството меѓу двете земји. „Ова наше пријателство очекуваме да финишира со поддршка и од страна на Франција за нашите европски интеграции, што е доказ дека нашите приоритети се во иста насока, сите ние сакаме и стабилна, и безбедна и ефикасна Европа, нешто за што ни е потребна обединета Европа“, заклучи Османи.
На работилницата учествуваа видни гости, како што се: Салваторе Серевал, заменик на генералниот секретар за европски прашања во Владата на Франција; Клен Јарац, директор за европски прашања во Владата на Естонија; пратениците во францускиот парламент Жак Мари, кој воедно е и потпретседател на Комитетот за надворешни работи во францускиот парламент, како и Лилијана Танги, која воедно е и потпретседател на Комитетот за европски прашања во францускиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

