Европа
Италијанските села се борат да не изумрат, нудат по 10.000 евра за доселеници
Поттикнати од неодамнешната понуда на италијански град, каде што може да се купи дом за 1 евро, и другите опустошени италијански градови почнаа со прималиви понуди со цел да привлечат нови жители.
Сега еден град во земјата им нуди на странците 10.000 долари за да се преселат таму. Друг вели дека дури и ќе им плати на новодојдените повеќе од 1.000 долари за да имаат дете.

Понудите може да изгледаат премногу добро за да бидат вистинити за многумина што сакаат да избегаат од големте градови и мирот да го пронајдат во идилата на италијанските села. За властите, пак, тие претставуваат последната битка за спасување на душата на селата што изумираат.
Последната атрактивна понуда ја упати Џовани Бруно Матиет, градоначалник на малото алпско село Локана во Пиемонт, планинскиот северозападен регион на Италија што граничи со Франција и Швајцарија.

Тој е подготвен да им плати до 9.000 евра или 10.200 долари во период од три години на семејствата што сакаат да се преселат и живеат и зиме на село, но услов е да имаат дете и минимална годишна плата од 6.000 евра.
„Нашето население се намали од 7.000 жители на едвај 1.500 луѓе. Сите заминаа да бараат работа во големите фабрики во Торино“, вели Матиет за „Си-ен-ен травел“. „Нашето училиште секоја година се соочува со ризик да се затвори бидејќи го посетуваат само неколку ученици. Не можам да дозволам тоа да се случи“.

Локана секоја година има 40 смртни случаи наспроти само 10 новороденчиња. Тоа е позната слика во цела Италија, каде што во последните 30 години една четвртина помали заедници станаа градови духови. Сега има 139 села со помалку од 150 жители.
И додека договорот на Матиет првично беше понуден само за Италијанците или странците што веќе живеат во Италија, сега е толку очаен да го спаси својот град од умирање, па тој го проширува и на неиталијанските жители во странство.
„Бараме да привлечеме претежно млади луѓе и професионалци што работат од далеку или се подготвени да почнат активност тука“, вели тој. „Постојат десетици затворени продавници, барови, ресторани и бутици, кои чекаат нови луѓе да ги водат“.
Територијата на Локана се протега на 132 квадратни километра од планинскиот резерват Гран Парадизо нудејќи можности за риболов, планинарење, пливање, фудбал и тенис. Живописните алпинистички живеалишта се направени од камен и дрво со типични покривни керамички плочки и ѕидови украсени со цвеќиња.
Локана не е единствениот град во Пиемонт што има потреба од преродба. Малку подалеку на север, на швајцарската граница, градоначалникот на Боргомецавале се надева дека ја има победничката карта.
За да се ревитализира населението, кое е намалено на едвај 320 жители, Алберто Прони не само што продава напуштени планински колиби за 1 евро – нешто повеќе од 1 американски долар – тој исто така ги плаќа и сите новодојденци што ќе формираат семејство.
„Овој град е создаден во 2016 година со фузија на две соседни села што исчезнаа“, вели тој. „Имаме тони пари за да инвестираме, но ни требаат деца и млади. Затоа, предлагам 1.000 евра за секое новороденче и уште 2000 за секој што сака да почне бизнис“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

