Македонија
Поднесена кривична пријава за злоупотребите со пензиите

Министерството за труд и социјална политика, денеска, до Основното јавно обвинителство доставува кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето придонеси за дел од идните пензионери.
Tемелните истражувања на пензискиот систем што ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. На овој начин еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година.
„Министерството за труд и политика ја исправа неправдата што претходната власт им ја нанела на овие луѓе и им ги враќа парите на граѓаните. За таа намена на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од буџетот на РМ. Овие средства ќе им бидат распределени на оштетените осигуреници, односно секому по 400.000 денари“ велат од Министерството.
Лошите и неодговорни политики на претходната власт, како што велат од МТСП, доведоа до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари. Со цел да се намали овој дефицит, Министерството за труд и социјална политика изготви пакет-мерки, кои стапија во сила од 1 јануари 2019 година. Преку нив се менува структурата на двостолбниот пензиски систем. Целта на МТСП е да обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, и тоа без зголемување на старосната граница или замрзнување на пензиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За пет дена 2.267 сообраќајни прекршоци, уапсени се 22 лица

Од почетокот на месец октомври полицијата констатирала 2.267 сообраќајни прекршоци, а 22 лица се уапсени за безобзирно управување на возило, соопшти МВР.
Во периодот од 01.10.2025-05.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.267 издадени платни налози, 514 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 22 лица, од кои 18 за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 605 прекршоци за неправилно паркирање, 258 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 73 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 32 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и тројца пешаци и 26 возачи на електрични тротинети. Исто така санкционирани се 111 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас.
Согласно Законот за возила, 73 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 29 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 30 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
За еден месец 161 казна за непрописно затемнети стакла на возилата

Во периодот од 01 до 30 септември, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на државата за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 161 учесник во сообраќајот.
На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец септември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 06 Октомври 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
– 06.10.2025– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
– 07.10.2025– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.