Македонија
(Видео) На Латас може да му застарат за прогон пет години даночно затајување во „Тотал“

Предметот „Тотал“, кој е оформен за кривичното дело сторено во период од 1 јануари 2008 до 15 март 2016 години, за даночно затајување за даночните години од 2008 до 2015, а во кое е обвинет Драган Павловиќ – Латас, може делумно да застари, рекоа граѓански организации од проектот „За правда“, на денешниот брифинг за новинарите.
Имено, Латас и неговите фирми во овој предмет на СЈО се обвинети по член 27,9 став 2 од Кривичниот законик (даночно затајување) за кој е предвидена казна од минимум 4 години.
Со донесените измени во КЗ минатата година се воведе нов член 279-а – даночна измама, кој предвидува „тој што со намера за себе или за друг да стекне противправна имотна корист на даночниот орган ќе му даде лажни податоци во даночната пријава, со што ќе го доведе во заблуда даночниот орган, со цел неоснованo да побара враќање данок или намалување на обврската за данок од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична казна“.
Доколку под овој член се подведат дејствата на обвинетиот наведени во обвинителниот акт, а кои се однесуваат на давање лажни податоци во книговодствената евиденција, завршните сметки и даночните пријави за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски, кои требало да бидат платени, а кои правните лица и обвинетиот избегнале да ги платат, тоа значи дека дел од делото може да застари за кривично гонење.
Доколку наведените противправни дејства се подведат под ова ново кривично дело, СЈО може да го преквалификува обвинението. Со преквалификацијата обвинетиот Латас ќе се соочи со нова предвидена казна затвор, која е во висина од 6 месеци до 3 години. Тоа значи дека во согласност со одредбите за застарување, за ова дело ќе настапи апсолутна застареност за 6 години. Но, бидејќи ова дело е продолжено кривично дело со траење од 2008 година до 2016 година, значи дека СЈО, освен преквалификацијата, може да интервенира и во обвинението, кое се однесува на временскиот период. Латас на тој начин ќе може да биде гонет само за даночно затајување сторено пред да настапи застареноста, поточно за периодот по 2013 година.
Поточно, со обвинението ќе треба да биде опфатен периодот од 2013 до 2015 година, со што пет години даночно затајување веројатно ќе му бидат простени на Латас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.