Македонија
Повик на триесетина професори: Гордана Силјановска за претседател на државата
Триесетина професори упатија повик до јавноста да ја поддржат кандидатурата на универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на Македонија. Според нив, сега не е време за нормален политички натпревар и како единствена рационална алтернатива се наметнува обединувањето зад личност, зад кандидат што со целиот свој животен и академски хабитус, морал и интегритет, се издигнал над ситните меѓупартиски и меѓуетнички ривалитети.
Таква натпартиска личност, сметаат професорите, е Гордана Силјановска-Давкова, професорката на Правниот факултет во Скопје.
„Како никогаш порано, во најтешките моменти на поновата национална и политичка историја на Македонија итно ѝ е потребен здружен опозициски блок, кој ќе ги обедини сите граѓански и интелектуални капацитети. Со оглед на состојбата, ова ќе биде работа на повеќе генерации, но првиот предизвик со кој треба да се соочиме на политички план се претседателските избори. Станува збор за навидум помалку важна институција во парламентарен систем, но историскиот миг ја прави повеќе од значајна. Во услови на нарушени контролни механизми, дерогација на поделбата на власта и на системот на кочници и рамнотежа, во ситуација кога ставот на граѓаните изразен на референдум беше безобразно заобиколен, институцијата претседател на Републиката е последниот или поточно првиот браник на уставните вредности.
Ова не е време за нормален политички натпревар, особено поради основаните сомнежи дека власта не е подготвена да организира фер и чесни избори. Затоа, како единствена рационална алтернатива се наметнува обединувањето зад личност, зад кандидат што со целиот свој животен и академски хабитус, морал и интегритет се издигнал над ситните меѓупартиски и меѓуетнички ривалитети.
Таква натпартиска личност е професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска-Давкова. Во нејзината личност и јавно дејствување се препознаваме без оглед на политичката, верската, етничката или социјалната припадност.
Свесни дека учеството во политички натпревар во вакви околности бара голема саможртва, особено при октроиран Устав и изменето име, ние, долупотпишаните, јавно ја повикуваме Гордана Силјановска-Давкова да размисли за можноста да се појави како кандидат на претстојните избори.
Се надеваме овој апел ќе стаса и до најголемата опозициска партија во Собранието со цел да создаде поширока општествена синергија и да застане зад нашиот предлог. Во овој момент ни е потребен претседател што нема да спроведува нечија партиска политика, туку ќе биде гласот на разумот, правото, Уставот и совест на граѓаните.
Првпат во политичката историја на Македонија имате можност да поддржите личност на која ќе ѝ верувате дека ќе биде гласен коректор и морален авторитет во петгодишен период на тешки искушенија за земјата и дома и на меѓународен план.
Доколку ја испуштиме оваа шанса да излеземе сплотени за една исклучителна личност, ова може да бидат и последните непосредни избори за претседател на Републиката.
Не се сомневаме дека во случај на неуспешни избори владејачката коалиција ќе пристапи кон уште една уставна измена со која ќе ни го одземе правото непосредно да одлучуваме за наш граѓански претставник на позицијата шеф на државата, а партократијата ќе се всели во уште една државна институција.
Веруваме дека проф. Силјановска-Давкова може да внесе разум, знаење и морал на политичката сцена и дека ќе ги обедини македонските граѓани на кои суштествено им е потребен заеднички глас во полза на владеење на правото и здравиот разум, пишуваат универзитетските професори“, се вели во повикот на професорите.
Потписници на повикот се:
1. Катица Ќулафкова, академик
2. Наде Проева, професор
3. Каролина Ристовска-Астеруд, професор
4. Фредерика Поповска-Павловска, професор
5. Билјана Ванковска, професор
6. Жидас Даскаловски, професор
7. Елка Јачева-Улчар, професор
8. Михајло Миноски, професор
9. Никола Павловски, професор
10. Богдан Богданов, професор
11. Снежана Филипова, професор
12. Костадин Тренчевски, професор
13. Ивица Милевски, професор
14. Јован Донев, професор
15. Велика Стојкова-Серафимовска, професор
16. Валериј Софрониевски, професор
17. Јани Бојаџи, режисер
18. Ружица Манојловиќ, професор
19. Игор Улчар, професор
20. Константин Миноски, професор
21. Марија Ристевска, доцент
22. Драги Митревски, професор
23. Тихомир Стојановски, професор
24. Благоја Јанаков, професор
25. Петре Георгиевски, професор
26. Јане Богданов, професор
27. Виктор Ѓамовски, професор
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

